Досега 17. 853 граѓани се потпишаа на петицијата со која од Младински образовен форум (МОФ) бараат овогодинешното екстерно тестирање да се прогласи за пробно.
Барањата се темелат на големиот број технички пропусти со кои се соочија учениците, законските прекршувања околу објавувањето на листите со предмети за полагање, како и времето за доставување на приговори по однос на резултатите.
До денес најголем број на потписи се собрани во Скопје (над 3500 потписи), а потоа Велес со над 2500 потписи, како и Битола и Тетово со над 1500 потписи.
Во соопштението од МОФ потенцираат дека илјадници ученици со декрет биле подложени на тестирање кое надлежните институции избрзано сакаат да го третираат како официјално иако истото потфрлило на сите технички и стратешки нивоа.
Додека во другите држави овој тип на тестирање служи за подобрување на образовниот процес како и подобар перформанс кај учениците и наставниците, македонските ученици заради сите технички и законски пропусти се оштетени.
„Апелираме до институциите и надлежните да размислат, да се одважат и да се откажат од своите планови за официјализирање на ваквото екстерно по секоја цена. Следната година заедно да создадеме систем кој ќе функционира и кој нема да штети на иднината на младите“, стои во соопштението.
МОФ поднесе претставки до Државниот управен инспекторат и до Државниот просветен инспекторат барајќи реакција од инситутциите за кратењето на рокот за објавување на листите на предмети од 7 на 4 дена, како и за кратењето на рокот за поднесување на приговори на објавените оцени, од 3 на 2 дена.
Граѓаните даваат масовна поддшка за спас на екстерното оваа година во сите градови низ републиката, а петицијата ќе трае до крајот на оваа недела.
Сите информации поврзани со распоредот на пунктови за потпишување се достапни на www.mof.mk/eksterno.
Темјана Поповска