Мартин Гоџоски денеска беше најсреќен и меѓу неколкуте стотини верници успеа да го извади Чесниот крст што во осветените води на Охридското Езеро го положи поглаварот на МПЦ, Архиепископот г.г. Стефан.
Ова е вторпат Гоџоски да го фати крстот, тоа му успеа и во 2022 година.
– Оваа година повторно ми се посреќи прв да стигнам до Светиот крст. Ова е огромна чест за мене, за мојата фамилија, за мојата тајфа. Водата беше студена, исто како и другите години, крстот ќе си дојде за кој е пишан…Здравје, среќа и бериќет, мене на мојата тајфа, на мојата фамилија, рече Гоџоски.
Него Архипископот Стефан го даруваше со библија и златно ланче со крст, додека од градоначалникот Кирил Пецаков доби икона со Свети Јован Крстител и крст изработен во филигран.
На чинот на осветувањето на езерските води и положувањето на крстот му претходеше обраќање на поглаварот на МПЦ до верниците собрани во Охрид, порачувајќи им дека со настанот на крштевањето на Исус во водите на Јордан е објавена вистината за Бога, за човекот и светот, и вистината за небото и земјата. Таа вистина, рече, е содржана во неповторливото чудо во објавената предвечна вистина за бога во света троица кое се случило на денешен ден и трае повеќе од 2000 години.
Со тоа, рече г.г. Стефан, тој ја основал големата и пресвета тајна на светото крштение, тајната преку која се спасува човечкиот род. Денешниов празник, Богојавление, вели, ги објаснува сите други празници и сите други настани и ни ја објаснува целта на христовото доаѓање како син божји, како вистински човек и бог, како вистински богочовек.
Празниците на нашата света вера, нагласи тој, се токму за тоа да не потсетуваат на настанот или богоугодникот, но и на тоа како живееме и постапуваме и кон себе си и кон другте и кон Бога.
– Денеска собрани како и досега и овој пат мисловно да се пренесеме до спасоносниот Јордан и сите води покрај кои е збран народ кој го слушнал гласот господов, за и ние да го доживееме настанот и да го примиме Христа кој се јави како што порачува светата црква на Богојавленскиот водосвет. Затоа да го молиме денеска крстениот син божји осветените води на овој спасоносен ден да ни бидат за исцеление на душите и телата да ни ги измијат сите лоши мисли и да оросат во нас духовно освежување и поткрепување, за да можеме да создаваме дела достојни на нашето човечко и христијанско признание. Оној кој слезе од небото и влезе во јорданските води нека не озари со небесна светнина за да го доживиееме денешниот настан и да ја разбереме небесната објава. И да не заборавиме Богојавлението ќе ги преобрази само оние кои ја разбрале и живеат според вечната порака – Покајте се зошто се приближи царството небесно, порача г.г. Стефан.
Традиционално манифестацијата по повод православниот празник Богојавление – Водици во Охрид ја следеа илјадници верници и гости, како од градот така и од останатите делови на држвата, но и пошироко.
Празникот Богојавление – Водици на среќниот фаќач и на сите православни верници им го честиташе и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
– Оваа година како што доликува имавме чест крстот во езерото да го положи Арипеископот г.г. Стефан. Охрид оваа година по сите параметри беше централната манифестација за Водици и најпосетен и како што долкува на балканскиот Ерусалим. Честитки до Мартин Гоџо, му посакувам многу здравје и среќа и само убавини и следната година повторно да се видиме тука со добра организација и добри временски услови, рече Пецаков.
Меѓу присутните беше и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој исто така на сите православни верници им го честиташе празникот Богојавление.
– Му честитам на Мартин кој денеска го фати крстот, му посакувам среќа, здравје и успех, но и на сите кои денеска влегоа во ладните води на езерото, а тоа е знак дека имаат многу голема ментална и физичка сила. Истовремено да ја искористам оваа прилика да потсетам, дека овие празници треба секогаш да не потсеќаат на тоа да во име на солидарноста работиме заедно, го унапредуваме општеството, правиме подеднакви и подобри можности за сите, без дискриминација на ниту еден човек, рече Филипче.
Прославувањето на Богојавленскиот водосвет во Охрид продолжи со забава на Градскиот плоштад и настапот на Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски и групата „ДНК“.
Празнувањата во Охрид продолжуваат и утре со уникатната манифестација Денот на рибарите со која се чествува православниот празник посветен на Свети Јован Крстител, со забавни содржини во исполнение на уметници од Охридскиот еснаф.