Случајот со Онкологија е веќе втор случај по пресудата за Модуларната болница, каде што некогашниот министер за здравство, а сега привремен чувар на местото претседател на СДС, Венко Филипче е изземен од одговорност.
Човекот кој бил министер за здравство во периодот кога на Онкологија се правел овој криминал од тешки размери, каде што е оштетен Буџетот во износ од над 2,2 милијарди денари, бил Венко Филипче, рече на прес конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Венко Филипче повторно не е во истражна или судска постапка, па така легитимно го поставуваме прашањето, дали Филипче има некаков договор со поединци од судската или обвинителската фела, да не биде повикан дури ниту на разговор?
ОЈО треба да ја провери улогата на Филипче за случајот Онкологија, а не да го изземаат од случаевите. Филипче не беше вклучен ниту во процесот за Модуларната болница, ниту за Онкологија, ниту за Стабри вакцините, ниту за крвави тендери, едноставно Филипче делува како да е заштитен од судството коешто тие заедно со ДУИ го бираа.
Проневерата од 2,2 милијарди денари во Онкологија, немањето на онколошка терапија и купувањето на скапи лекови од компанија блиска до Филипче, ОЈО мора под итно да го истражи.
Воедно, повикуваме Филипче да прекине да се крие по партиските штабови и да се појави во јавност. Филипче и должи одговори на македонската јавност.
На прашање како ВМРО-ДПМНЕ ги коментира обвинувањата од претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој вчера од Штип изјави дека Договорот со Велика Британија претставува грабеж, а власта води нетранспарентна политика, Манасиевски рече:
„Сметаме дека Венко не го разбира поимот грабеж. Грабеж е кога на пример фирмата која гради на клинички ќе ти изгради хациенда како што тоа му се случи на Венко. Грабеж е кога имате корона криза, а Венко како министер ќе набави кинески вакцини по двојно поскапи цени. Грабеж е кога крадените пари од Македонија заедно со вистинскиот лидер на СДС, Зоран Заев, ќе ги изнесете во Дубаи, и таму ќе ги инвестирате. Грабеж е кога на Македонците и на Албанците ќе им ветувате водовод во Тетово, а потоа ќе им изградите модуларни болници каде што живи ќе бидат запалени 14 луѓе. Грабеж е кога газда Венко и газда Филипче ќе мора да имаат некаков ќар од овие тендери. Она што не е грабеж е кога ќе склучите пакт со најмоќната држава во светот и притоа нема да продадете ниту име, ниту Устав или идентитет. Не е грабеж кога од таквото партнерство ќе извлечете пари за нови железници, за болници, за образование, нешто што е добро и за Македонците и за Албанците. Е тоа се вика одговорна и државничка политика“.