Мамдани: Воздухот бил отровен – објавени 170.000 страници документи за последиците од 11 септември

Од:

Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, денеска изјави дека воздухот на Менхетн бил токсичен веднаш по терористичките напади извршени на 11 септември 2001 година во САД, при што беа објавени околу 170.000 документи поврзани со нападите и нивните последици.

Мамдани рече дека азбест бил пронајден „речиси насекаде“ каде што бил извршен тест во близина на локацијата на Светскиот трговски центар, чии кули се урнаа по нападите.

„Луѓето се разболеа затоа што лидерите на кои им веруваа ги лажеа и им кажуваа дека е безбедно да го вдишуваат токсичниот воздух“, рече Мамдани.

Според американските здравствени власти, болестите поврзани со прашината и чадот по уривањето на кулите на Светскиот трговски центар однеле повеќе животи од самиот напад, во кој загинаа речиси 3.000 луѓе. Илјадници лица подоцна развиле здравствени проблеми, вклучително и различни видови рак, по изложеноста на опасни материи. На прес-конференцијата заедно со Мамдани зборуваше и телевизискиот водител и активист за правата на преживеаните од 11 Септември, Џон Стјуарт, кој рече дека новообјавените документи покажуваат оти градските власти уште во октомври 2001 година знаеле дека воздухот на Менхетн е токсичен.

„Да бидеме фер кон нив, тие само ги криеја тие информации 25 години“, иронично рече Стјуарт.

Документите покажуваат дека азбест бил пронаоѓан во близина на местото каде што се наоѓал Светскиот трговски центар и неколку месеци по нападите, во периодот кога на граѓаните им било кажувано дека е безбедно да доаѓаат во тој дел од градот.

Меѓу објавените материјали има извештаи за квалитетот на воздухот и комуникација меѓу градските власти, вклучително и документот од октомври 2001 година познат како „Хардингов меморандум“.

Во него се предупредува дека градот би можел да се соочи со илјадници тужби поради начинот на кој реагирал на нападите. Според документите, властите биле загрижени за потенцијалната правна одговорност поврзана со изложеноста на токсични материи и лошиот квалитет на воздухот.

Во меморандумот се наведува дека градот би можел да биде тужен бидејќи здравствените предупредувања ги навеле граѓаните да се „вратат премногу брзо во областа“, што можело да доведе до изложување на токсични материи или до емоционална штета.

Во друг документ се наведува дека градските власти им советувале на граѓаните прашината и остатоците да ги чистат „со влажни крпи и џогери“, иако за отстранување на азбест е потребно ангажирање лиценцирани стручни лица.

Неколку дена по нападите, градските и федералните власти, вклучително и американската Агенција за заштита на животната средина (EPA), соопштија дека воздухот во близина на урнатите кули е безбеден.

Тогашната директорка на EPA, Кристин Тод Витман, подоцна се извини поради таквата проценка, наведувајќи дека агенцијата во тој момент постапувала „најдобро што можела, врз основа на знаењето со кое располагала“.

Објавувањето на документите следуваше по тужбата на организацијата „9/11 Health Watch“, која покрена судска постапка откако градските власти тврдеа дека не ја поседуваат бараната документација.

Градските власти минатата година пронашле 68 кутии со документи, кои исто така се дел од новообјавениот материјал.

Документите за квалитетот на воздухот и останатата документација се објавени преку интернет-портал во пресрет на 25-годишнината од нападите на 11 септември, која ќе биде одбележана во петок.

Првично се објавени околу 170.000 страници, а дополнителни материјали ќе бидат објавувани во текот на следната година.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Полицијата ликвидираше жена која со нож нападна две лица на Тајмс сквер

(ВИДЕО) Градоначалникот на Њујорк ја отвори сезоната на капење со скок во базен – облечен во одело

(ВИДЕО) Експлозија уништи црква во Њујорк, има многу повредени

Започна отворена војна: Мамдани против Трамп

Мамдани контра Трамп: Нападот е кршење на американското и меѓународното право

ВИДЕО: Лондон, Њујорк, Париз, Дубаи спектакуларно влегоа во 2026

Катерина Ѓуровски