Малчески: Вие, Адеми и Ристовски 40 дена ги манипулирате граѓаните

Од:

Проф. д-р Ристо Малчески упати писмо до министерот за образование Абдулаќим Адеми.

Писмото ви го пренесуваме во целост:

Г-не Адеми, непосреден повод за ова мое јавно обраќање до Вас е содржината на дописот до Интеруниверзитетската конференција кои го доставивте на 05.12.2014 година и кој во МОН е заведен под деловоден број 13-17423/2. Се со цел јавноста, а и Вие и Вашиот заменик Спиро Ристевски да разберете за што станува збор ќе се обидам дел по дел да го анализирам овој документ.

Изминативе четириесетина денови, најпрво јавноста ја убедувавте во неопходноста од воведување на екстерно тестирање, кое после бројните реакции беше преименувано во државен испит. На почетокот тоа за Вас беше завршена работа, за да потоа соопштивте дека концептот не е изграден и дека ќе има јавна расправа, па потоа ќе се донесе одлука. Споменатиот допис ги демантира изнесените тврдења, бидејќи од истиот може да се види дека документот за оваа авантура бил готов на 31.10.2014 година и истиот бил заведен под деловоден број 13-17423/1, што значи дека скоро 40 дена Вие и Вашиот заменик Ристовски ги манипулирате граѓаните на Македонија.

Понатаму, во споменатиот допис наведувате дека, цитирам: “Досегашната практика покажала дека во одредени високообразовни установи во државата, со оценувањето не се врши реална проценка на знаењето …”. Со оглед на тоа дека ова е сериозно тврдење, кое барем според моето скромно знаење може да се донесе врз основа на сеопфатно истражување, претпоставувам дека такво истражување е реализирано, па затоа како граѓанин на оваа држава барам јавно да го објавите истражувањето, при што за да истото биде споредливо и подложно на проверка е неопходно јавноста да ја информирате за следниве работи:

–        Кој е нарачател на истражувањето?

–        Кој го спровел истражувањето?

–        Во кој период и врз која популација е реализирано истражувањето?

–        Како е извршен изборот на примерокот?

–        Кои методи и техники се користени за прибирање на податоците?

–        Кои научни методи се користени за изведување на заклучокот кој го наведувате?

Г-не Адеми, споменатите податоци се неопходни се со цел да го докажете Вашето тврдење, бидејќи во спротивно истото не може да се земе за валидно, а со самото тоа претставува клевета и навреда на севкупната академска јавност. Оттука, доколку вакво истражување не постои, односно истото не биде објавено во следните неколку дена, најмалку што можете да направите е да и се извините на академската заедница за изнесените клевети и навреди. Последното е неопходно, бидејќи јас како нејзин член, а мислам и многу други ќе бидеме принудени соодветна сатисфакција да побараме пред надлежните судски органи, без разлика на мислењето на Европската комисија за состојбите во македонското судство.

Во споменатиот допис се задржувате на дипломите издадени од македонските високообразовни институции, па затоа барам да одговорите што е со странските дипломи. Дали овие дипломи се квалитетни само затоа што се увезени од Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Косово итн? Дали сте слушнале за еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, што по автоматизам значи дека при нострификацијата на дипломите нивните иматели ќе мора да полагаат државен испит? Како ќе ја реализирате оваа ”генијална” идеја за овие граѓани?

Во Вашиот допис наведувате дека концептот, кој очигледно бил готов поодамна, се базира на модели и искуства од повеќе странски држави. Оттука, барам јавноста да ја информирате за тоа од кои држави се користени вакви модели и на сајтот на МОН да ги објавите линковите на документите кои сте ги користеле. Последното е од особена важност, бидејќи се повикувате на Болоњскиот процес, кој ама баш никаде не предвидува ваква постапка, што може да се види од водичот за ЕКТС, кој е основен оперативен документ за спорведување на Болоњскиот процес и е издаден од Директоратот за образование на Европската комисија.

Понатаму, од Вашиот допис произлегува дека студентите ќе полагаат државен испит и на втор и на трет циклус студии, што покажува дека во целиот овој период сте ја манипулирале јавноста тврдејќи дека истиот ќе се полага после втора и четврта година. Во интерес на просторот и времето нема посебно да се задржувам на ова прашање, но не ми е јасно како тоа ќе полагаат студентите на втор и трет циклус. Ова посебно нема да го коментирам, но само да забележам дека ова е обид за подметнување кукавичко јајце. Имено, после реакциите во јавноста беше кажано дека испитот нема да важи за затекнатите студенти, што не е точно. Така, студентите кои оваа академска година завршуваат прв циклус, при нивното продолжување на студиите на втор циклус вршат нов упис на нов конкурс, па оттука произлегува дека само за оние кои следната година ќе запишат втор циклус нема да има државен испит, а за сите останати истиот ќе важи. Затоа Ве прашувам, од каде Вие храброста граѓаните кои Ве избрале да ги сметате недоветни и на истите да им пласирате толку ефтини манипулации?

Но, да се навратиме на структурата на испитот. Наведувате дека, цитирам: “Државниот  испит ќе содржи по пет прашања од секој предмет поединечно, од секоја наставна година, со четири понудени решенија со различна тежина, од кои едното решение е точен одговор на понуденото прашање.” Е ова е веќе “новина” во науката, па затоа Ве молам да ми посочите литература од која ќе научам дека на дадено прашање постојат четири решенија со различна тежниа, од кои едно е точно. Пардон, не е новина, туку е показател колку Вие лично и Вашите соработници не знаете, но за тоа подетално во друга прилика. Во следните пасоси од Вашиот допис стои дека петте прашања ќе бидат со различно ниво на сложеност две прашања со највисоко ниво на сложеност, а трите прашања ќе бидат составени со пониски нивоа на сложеност. Види богати, а одговарањето ќе биде со заокружување. Колку покажано незнаење во само една решеница? Па г-не Адеми, ако Вие и Вашиот заменик не знаете, тогаш требало некој да Ви каже дека на прашања со понудени одговори може да се оценуваат само запомнувањето, репродуцирањето и разбирањето, нешто што ги опфаќа само првите две нивоа на постигања, а додека примената, анализата, синтезата и вреднувањето на оправданоста и научноста на некое тврдење или дело со вакви прашања не може да се оценува. Ситуацијата е толку смешна и трагикомична, што замислете ни малку ни многу, туку испит на докторски студии ќе оценувате со пет прашања со заокружување, а замислете проверката во основно и средно образование се реализира со 30 прашања по предмет. Та зарем не знаете дека универзитетските курсеви се далеку посложени и со повисоки брања, па затоа ако нешто се проверува тоа треба да биде подетално и поцелосно отколку во основното и средното образование. Уште посмешно е тврдењето дека испитот ќе биде положен ако се одговори на три од петте прашања, од што произлегува дека сите прашања ќе бидат исто вреднувани. Или можда станува збор за ново откритие во методиката, според кое четирите нивоа на Блумовата таксономија имаат исто значење. Ако е така, тогаш Ве молам Вие или Вашите умни советници да ми ја посочите литературата во која ова сте го видел, се со цел да ги надоградам своите знаења и да научам да оценувам според овие нови стандарди. Јасно, ваква литература не постои, туку претходното покажува колку предлагачите на оваа авантура не знаат, но и наведува на помислата дека ваквиот државен испит нема никаква врска со квалитетот во високото образование, туку има за цел создавање апарат за партиско-политичка контрола на овој потсистем од општественото живеење, која веќе подолго време владеачката структура се обидува да ја воспостави, слично како во средното и основното образование со таканареченото екстерно тестирање.

Г-не Адеми, имајќи го предвид претходно кажаното, доколку чувствувате и малку одговорност за штетите кои како дел од владеачката структра ги направивте во образовниот систем, но и како непосреден предлагач на оваа политички мотивирана манипулација и тортура врз образовниот систем, а со цел да го задржите она малку достоинство што Ви остана, најдобронамерно Ви предлагам да размилите Вие и Вашиот заменик Ристовски, кој сесрдно и манипулативно ја протажираше Вашата замисла, да си поднесете оставки од функциите кои моментално ги извршувате.

Проф. д-р Ристо Малчески

http://fon.edu.mk/prof.aspx?pid=83&ln=mk

Би можело да ве интересира

МОН: Не укинуваме паралелка на македонски јазик во велешката гимназија

Орце Костов

Нема евиденција дали 140 денари за оброк завршиле кај студентите, МОН исплаќал пари без утврдени легла во домовите, покажа ревизијата

Орце Костов

МОН за протестот на универзитетите: Ако постои волја во Собранието за колективен договор, ние ќе учествуваме во преговорите

МОН: Наместо на политички игри во училиштата, општина Тетово да се фокусира на квалитетна настава

„Министерката ми се закани дека ќе ме избрка“: Советничка во МОН била вознемирувана од Шаќири и Царовска

Орце Костов

Студентите најавија протест: „МОН не ни исплати стипендии кои ни требаат да запишеме семестар“

Орце Костов