Физичкото, вербалното, односно, психичкото, социјалното и сајбер-насилството се дел од животот на децата во Македонија, уште од најрана возраст. Ваквото секојдневие изминативе години е потврдено од низа истражувања, а случаите за кои што медиумите често известуваат, потврдуваат оти состојбата со овој проблем полека станува алармантна. Со цел да укаже на важноста на оваа горлива тема, но и да понуди пат како постепено да се дојде до решение, „Макпетрол“ ја отпочна едукативната кампања „Крени глас против врсничкото насилство“.
– Ако сите веруваме дека децата и младите се нашата иднина, тогаш бездруго, како тие растат и се развиваат веројатно ќе биде пресудно и како самите во иднина ќе се однесуваат. На овој план, врсничкото насилство е алармантен проблем којшто премногу долго се игнорира. Повеќето од нас или молчат, или вртат поглед или не слушаат. За штетите од ваквото однесување дознаваме кога е премногу доцна. Со цел ова да го промениме, за сите заедно – и родителите, и професорите, и децата – да научиме да реагираме навреме, одлучивме да ја отпочнеме оваа кампања. Свесни сме дека ова е премногу голем проблем за којшто не постои брзо решение, но убедени сме оти со овој наш чекор, ќе започне соочувањето со врсничкото насилство – вели Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управен одбор и директор во „Макпетрол“.
Едукативната кампања е составена од повеќе елементи, а нејзин носечки и најзначаен дел е интернет-страницата kreniglas.mk. Целта на овој веб-сајт е да пренесе знаење до сите што можат да помогнат во решавањето на проблемот со врсничкото насилство – децата, родителите и наставниците. Исто толку значајно е што на веб-сајтот постои опција секој што бил жртва или имал искуство со булингот, анонимно да ја сподели својата приказна.
Во соработка со група психолози, за споменатиот дел од популацијата се подготвени прирачници за препознавање, пријавување и решавање на проблемот со врсничкото насилство.
– Под врсничкото насилство, популарно наречено „булинг“ се подразбира агресивно однесување со кое некој намерно и континуирано предизвикува психичка, физичка или социјална болка на друго лице. Ова се прави употребувајќи физичка сила, закани или навреди, а сторителот, најчесто сака да покаже моќ и доминација над жртвата, односно да направи да се почувствува немоќна и беспомошна. Во јавноста е раширено сфаќањето дека булингот е резултат само на индивидуалните насилнички карактеристики на сторителот, но одговорноста за надминување на насилството ја носиме сите ние, околината, родителите, наставниците, општество. Затоа, сите заедно ја подигнуваме свеста и придонесуваме за негово спречување – вели Деспина Стојановска, системски и семеен психотерапевт, која што од стручен аспект ја поддржа подготовката на оваа кампања.
Кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ е насочена кон целата јавност во Македонија, а една од нејзините главни цели е да поттикне промени во начинот на којшто се сфаќа булингот, но и кои чекори треба да се преземат за ова однесување да биде препознаено и спречено. Подеднакво значење има и барањето поддршка, како и создавањето услови таа да биде овозможена.
– Долго време постоеше став дека негативните искуства што се резултат на врсничко насилство децата ги надминуваат со текот на развојот. Во последниве години стануваме посвесни за сериозните последици кои можат да бидат резултат на врсничкото насилство. Постојат бројни научни истражувања што потврдуваат дека долгорочните последици од булингот се реални и можат да предизвикаат сериозни психолошки, емоционални и физички потешкотии во иднина. Кај децата кои што, директно или индиректно, се дел од случаи со врсничко насилство, некои промени можат брзо да се забележат, но долгорочните последици можат да бидат присутни многу години по тие непријатни искуства. Затоа едукативни иницијативи како оваа на „Макпетрол“ се особено значајни – истакнува М-р Јана Шишковска, психолог, семеен-системски советник, кој што беше дел од тимот што ја разви оваа кампања.
Експертите велат дека игнорирањето на проблемот влијае негативно. Зборувањето и кревањето свесност за проблемот, пак, ги движат нештата во позитивна насока. Токму затоа е исклучително важно сите заеднички да кренеме глас против врсничкото насилство.
ПР Текст