Македонското малцинство избришано од резолуцијата на ПССЕ за Бугарија

Од:

Парламентарното собрание на Советот на Европа одлучи да го продолжи пост-мониторинг дијалогот со Бугарија, но притоа од текстот на резолуцијата го избриша македонското малцинство.

Италијанскиот парламентарец Лука Волонте во својот извештај заклучи дека пост-мониторинг дијалогот со Бугарија треба да продолжи, за потоа во дебатата да предложи негово укинување, на што се спротистави Комисијата за следење на обврските на земјите членки.

На подигањето на мониторингот, како што јавува Дојче Веле, се спротивставија и дел од пратениците од бугарската делегација од редовите на опозицијата и од партијата на турското малцинство. Со амандманското надгласување со само два гласа повеќе, одлучено е да продолжи следењето на Бугарија од страна на паневропската асамблеја.

Во усвоената резолуција, Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) изрази загриженост поради порастот на националистичката идеологија и акти и од непријателската клима против малцинствата, за што сведочат агресивните однесувања на приврзаниците на АТАКА кон верниците во една џамија во Софија во мај 2011 и против Ромите во 14 други бугарски градови во октомври 2011.

ПССЕ побара од Бугарија целосно спроведување на сите одредби кои ги содржи Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, посебно во делот на спроведувањето на индивидуалните права, како и потпишување и ратификација на Европската повелба за регионални и малцински јазици.

Парламентарното собрание на Советот на Европа, меѓутоа, од Резолуцијата ги избриша македонското малцинство и Помаците. Во предложениот текст на резолуцијата беше побарана посебна грижа за македонското малцинство и Помаците, како две непризнати малцинства. Бришењето на македонското малцинство од резолуцијата се случи преку амандман поднесен од група парламентарци, а пред ПССЕ предлогот го бранеше бугарскиот парламентарец Лачезар Тошев.

– Во 2000 година, кога Бугарија ја ратификува Рамковната конвенција за малцинствата, ние одлучивме да направиме листа на признати малцинства (македонското малцинство не е признато од бугарската држава и тоа не се наоѓа на листата). Ние сметаме дека сите групи можат да ја уживаат заштитата на рамковната конвенција“, рече Тошев.

Бугарскиот парламентарец смета дека отстранувањето на македонското малцинство и на Помаците од текстот на резолуцијата е „подобра формула за да им се даде саканата заштита од страна на Советот на Европа“ и со тоа се „избегнува отворањето на Пандорината кутија со специфично назначување на одредени малцинства и групи“.

На амандманот на Тошев се спротивстави летонскиот парламентарец Борис Цилевич.

– Зборовите на Тошев не се точни. Всушност бугарското законодавство не ги посочува со точност малцинствата кои се признати и тие кои не се признати. Ние добро знаеме како е во практиката: тие не се претставени во Советот на малцинствата. Од друга страна, повеќе пресуди на Судот за човекови права беа донесени поради одбивањето за официјално признавање на организациите кои ги претставуваат овие малцинства, рече тој.

ПССЕ не го следеше аргументот на Цилевич и со 88 гласа за, 29 против и 8 воздржани го усвои амандманот на Тошев со кој се избриша македонското малцинство од Резолуцијата.

Македонските парламентарци Александар Николоски и Ермира Мехмети Деваја гласаа против амандманот на Тошев и против целиот текст на Резолуцијата. Шефот на македонската парламентарна делегација при ПССЕ во расправата за Бугарија, нагласи дека Македонија и Бугарија се пријателски земји, осврнувајќи се посебно на судбината на македонското малцинство во Бугарија, кое и покрај сите одлуки на Европскиот суд за човекови права, нема можност да се организира во политичка партија или во невладини организации. Тој побара да се признае постоењето на македонското малцинство во Бугарија и да ги ужива сите негови права, посакувајќи бугарските власти да ги поканат претставниците на македонското непризнато малцинство и на Помаците во Советот на малцинствата.

Во усвоената резолуција ПССЕ оценува дека Бугарија треба да напредне во давањето на права на лицата кои им припаѓаат на националните малцинства, во делот на промовирањето на мајчинот јазик, како и промовирањето на нивниот културен идентитет. ПССЕ исто така бара од Бугарија систематски и безусловно да го осудува говорот на омраза против малцинствата, како и да ги зајакне мерките за меѓусебна трпеливост и заемно почитување и истовремено да ги охрабри политичарите да имаат примерно однесување, како и да се зафати со решавањето на проблемите на ромското малцинство, кое остана и понатаму да фигурира во Резолуцијата.

Во останатиот дел од усвоениот текстсе вели дека и покрај постигнатиот напредок, Бугарија треба да работи повеќе неколку клучни области, како независноста на правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Би можело да ве интересира

Пратениците во новиот бугарски парламент не се договорија за претседател

Борисов: Победата на ГЕРБ-СДС е дефинитивна, се обврзавме да формираме влада

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар

„Еуроњуз“: Зошто обновените тензии со соседите ја закочија Северна Македонија во ЕУ?

ДУИ повикува на исполнување на обврските од Преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени

Сиљановска Давкова: Договор за пријателство со Бугарија нема одредба за менување на Уставот

Горан Наумовски