Основниот суд во Битола донесе втора пресуда против базенот „Довлеџик“ во Битола поради директна дискриминација и повреда на правото на еднаквост на неколку Роми со тоа што не им дозволил влез на базенот на 12 август лани поради нивната етничка припадност, соопштија од Европскиот центар за правата на Ромите. Судот му наредил на правното лице кое управувало со базенот да ја прекине практиката за одбивање влез на базенот за Роми и исплата на оштета во висина од 10.000 денари за секој тужител поединечно.
„Оваа е веќе втора пресуда на македонските судови во кои како доказ се прифаќа тестирање на ситуација која е организирана од страна на Европскиот центар за правата на Ромите. Во оваа постапка тимот на ЕЦПР на 12.08.2017 година во соработка со локалната НВО Баирска Светлина од Битола, организираше тестирање за дискриминација во Битола во кое беа вклучени шестмина Роми и пет не-Роми, а подоцна резултатите од ова тестирање беа поднесени до судот како доказ. Притоа, на сите лица кои не се Роми им било дозволено да влезат на базенот, додека на сите Роми им бил забранет влез“, велат од ЕЦПР.
Од таму порачуваат дека овие две пресуди на Основниот суд во Битола праќаат порака дека Ромите не смеат повеќе да бидат дискриминирани и истите ќе имаат позитивен ефект за Ромите во Битола.
„Пред сè ова е голема победа на Ромите од Битола, кои секое лето се соочуваа со расна дискриминација на локалните базени, а истото тешко можеа да го докажат. Токму тестингот ни помогна да собереме доволно докази за ваквата систематска пракса и соодветно да го претставиме проблемот пред Судот. Несомнено, пресудата од ваков вид претставува прецедент во македонското судство, а верувам и во регионот. Значајно е тоа што Судот најде директна дискриминација на група граѓани во однос неколку заштитени основи истовремено : етничка припадност, боја на кожа и пол. Искрено, се надевам дека ваквата пресуда ќе служи како лекција за потребата од толеранција и соживот меѓу различните заедници во државата”, вели Сенада Сали, правник во ЕЦПР.