Групата Македонски манифест упати отворено писмо до политичките лидери во Македонија со кое предупредува дека промената на името ќе значи геноцид врз македонскиот народ преку ликвидација на идентитетот.
И по сто години од Букурешкиот договор судбината на Македонија е под неговата заканувачка сенка. Над Македонија е надвиснат облакот на новите црни бури што треба да ја доуништат. Ќе се лажеме ли сè уште или свесно ќе признаеме дека промената на името значи геноцид врз македонскиот народ преку ликвидација на идентитетот?
И денес, како и пред сто години, заговорници на тој холокауст се големите европски нации скриени зад божемната хуманистичка маска на Европската унија, само што сега за нашето уништување се игра на крајно софистициран и перфиден начин кој треба да не доведе до промена на името со наша согласност, што ќе рече до самоуништување. Тоа значи дека ни по сто години кобниот Букурешт за нас не е завршен. Разликата денес е во тоа што оние кои пред сто години ја парчосуваа Македонија сега работат на ликвидација на нашиот идентитет, засилени со уште една империјална сила – САД.
Грција, која сака целосно да ја уништи Македонија е поддржана во нејзиниот геноциден фашистички концепт токму од овие сили, а за нас како земја врз која се врши нечовечки експеримент, не важат човековите права, судските пресуди на меѓународните судови и правилата на Обединетите нации кои важат за сите други. Ќе дозволиме ли да се самоукинеме како Македонци и тоа сега кога конечно изградивме сопствена држава!? Ќе дозволиме ли безимени да влеземе во ЕУ и во НАТО?
Затоа им се обраќаме на политичките лидери, на претседателот, на премиерот и на водачите на опозицијата, од кои бараме, без завиткан политички јазик, да кажат на какви позиции стојат: дали веќе го прифативте обезличувањето или сте спремни да застанете во одбрана на името? Сакаме да знаеме дали за вас е прифатлив предлогот Горна Република Македонија ставен на маса без да ни се каже што се нуди под маса? Дали веќе се подготвуваат и се печатат листовите за референдум на кој треба да се стави она што за нас е свето и вековно, затоа што овој молк фрустрира и измачува? Kако инаку да ја толкуваме изјавата на германскиот пратеник за Југоисточна Европа, Ернст Рејчел кој јавно кажа дека предлогот за името на Нимиц бил прифатен од македонска страна и дека сега се чека ставот на Грција? Вистина ли е?
Ќе може ли конечно македонскиот народ да дознае од нашите политички лидери или со нашите чувства ќе си играат европските бирократи? Ќе чуеме ли што крие во пакетот Горна Република Македонија или ќе не ставите пред свршен чин на референдум, кога партиско-политичката машинерија ќе биде спремна да одработи како со референдумот од 2004 година за територијалната поделба?
Дали овие прашања заслужуваат одговор или по којзнае кој пат ќе бидеме изиграни како Македонци и доведени до потпишување капитулација и ќе се збогуваме од автентичното постоење, од сопствениот идентитет, оти ние сме убедени дека поместување на само една буква од името е губење на идентитетот. Тоа би било рамно на самоуништување.
Јавно го повикуваме македонскиот народ да биде буден и ако затреба да биде спремен со сите можни средства да се спротивстави на новиот букурешки договор за наша идентитетска ликвидација.
Иницијативниот одбор на групата Македонски манифест