Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, во рамки на глобалната операција за симнување на најпопуларниот сајберкриминален форум на англиски јазик по име ДАРКОД, изврши претрес на дом и други простории кај две лица во Скопје и Пробиштип.
Како што соопшти МВР, при претресите пронајдени се и одземени повеќе компјутери, мобилни телефони и друга компјутерска опрема која ќе биде доставена на вештачење со цел обезбедување дополнителни докази во постапката.
При операцијата Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика го приведе М.Л.(25) од Штип и поднесе кривична пријава против него до Основното јавно обвинителство – Штип за постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „Изработка и употреба на лажна платежна картичка“ по чл.274-б ст.3 вв ст.1 и 2 и казниво според Кривичниот Законик на Република Македонија.
Осомничениот во период од 2011 година со употреба на малициозни софтвери прибавувал банкарски податоци од странски државјани преку интернет, а потоа истите ги употребувал за купување разни луксузни предмети, но повеќето банкарски податоци од странски државјани ги продавал на други лица односно ги продавал на повеќе интернет страни, кои се креирани за продавање на нелегално стекнати банкарски податоци од платежни картички. Овие интернет страни (форуми) се креирани и одржувани од негова страна. Од продажбата на банкарските податоци од платежни картички на интернет истиот се стекнувал со голем износ на парични средства, кои најчесто ги подига преку Сервисот за брз трансфер на пари „Вестерн Унион“ каде му уплаќаат пари лица странски државјани од повеќе држави и тоа од Мексико, Лисабон, Русија, Кина, САД и други.
До сега е утврдено дека на овој начин пријавениот се стекнал со имотна корист од 82,601,00 американски долари и 71.358,00 денари.
Македониските државјани опфатени со меѓународната акција се познати од предходно на македонската полиција и нивните активности биле предмет на истрага на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика.
Со вклучување во меѓународната истрага Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика соработуваше со ФБИ и Европскиот центар за компјутерски криминал на Европол со цел размена на информации за нелегалните активности на македониските државјани на интернет страните и форумите кои беа предмет на истрага. Сите добиени информации и докази се доставени до надлежните Јавни обвинителства.