Во присуство на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, попладневно во Македонска Каменица свечено беше пуштен во употреба новиот Дневен центар за деца со интелектуална попреченост.
Објектот што се наоѓа во кругот на детската градинка на почеток ќе згрижува околу 18 штитеници, кои ќе имаат адекватни простории и реквизити потребни за исполнето секојдневие за овие лица да останат интегрирани во општеството.
– Овој центар има и физикална терапија и простор за вежбање, но важно е дека социјализацијата и дополнителната едукација околу општественото живеење е најважната работа што овој центар треба да ја сработи. Секој кој сака да помине време или да сподели одредена емоција или активност со овие лица може да дојде во Центарот. Нам ни е важно овие лица да се интегрираат во општеството, рече Царовска.
Како што истакна и градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменковска, со оваа иницијатива, локалната самоуправа во соработка со МТСП покажува дека продолжува со определбите за вклучување на оваа група граѓани во општеството преку поддршка на предвидени проекти и активности како дел од Програмата за работа на Општината.
– Згрижувањето на лицата ќе биде заедно со стручни тимови кои несебично ќе работат на дополнителна едукација, мотовација и на родителите за да се пополни капацитетот на овој прекрасен дом. Општината има буџет кој целосно и во континуитет ги поддржува и здруженијата и сите оние кои згрижуваат лица со посебни потреби, а така ќе продолжиме и понатаму. Во контекст на денешниот настан да кажам дека нашата општина обезбеди дополнителна просторија надвор од овој центар каде штитениците ќе го поминуваат своето слободно време, исакна Стаменкова.
Претставниците од УНДП ја искажаа благодарноста за остварената соработка со МТСП и што резултатите кои се постигнуваат заеднички, граѓаните да ги видат. Според нив, ова е еден добар пример како со малку средства се постигнуваат големи резултати.
Во дневниот центар покрај лицата со умерена и тешка интелектуална попреченост на возраст до 18 години ќе има и возрасни лица. Ќе се изведуваат програмски активности кои ќе се однесуваат на реализација на индивидуална програма за работа за секое лице, но ќе има и програма за групни активности, како и работа со родителите на корисниците. Сево ова ќе овозможи оспособување за самостојно живеење, социјализација и интеграција на лицата со интелектуална попреченост во локалната заедница.
Министерката Царовска попладнево ќе го посети и Дневниот центар во Делчево.