На денешната расправа за почитувањето на владеењето на правото, организирана во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации, македонската делегација потсетила на неспроведувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во врска со грчкото кршење на Времената спогодба.
На расправата предводена од заменик генералниот секретар на Обединетите нации Јан Елиасон и холандскиот министер за надворешни работи Франс Тимерман, било покренато прашањето на улогата на Меѓународниот суд на правдата. Тимерман истакнал дека, иако Судот досега овозможил во голем број случаи да се задоволи правдата во споровите меѓу разни држави, сепак судот потфрла во спроведувањето на своите одлуки.
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, кој учествува на Генералното собрание реплицирал дека тоа е случајот и во спорот меѓу Македонија и Грција.
Меѓународниот суд на правдата во 2011 година донесе одлука дека Грција ја прекршила Времената спогодба кога стави вето македонското членство во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година. Сепак, истакнал Попоски, ОН засега не успеваат да ја спроведат оваа одлука која може да помогне во решавање на спорот меѓу двете земји и деблокирање на македонските интеграции.
Попоски доцна вечерва ќе има средба и со евро-комесарот за проширување Штефан Фуле, а во текот на денешниот ден се обрати на расправа на процесот Виена +20 за гарантирање на човековите права.
Попоски денес, како претставник на Република Македонија, ја потпиша и Спогодбата за трговија со оружје, со која се регулира меѓународната трговија со конвенционално оружје.