Македонија има направено ограничен напредок во однос на слободата на изразување вели Извештајот на ЕК

Од:

Северна Македонија се наоѓа меѓу одредено и умерено ниво на подготвеност во однос на слободата на изразување. Општо гледано, има направено ограничен напредок. Општиот контекст е погоден за медиумската слобода и дозволува критичко известување од страна на медиумите. Измените во Кривичниот законик и Законот за граѓанска одговорност во однос на клеветата го зголемиja степенот на правна заштита на новинарите. Сепак, забележани се голем број напади, закани и одредено застрашување на новинари, нотира Европската комисија во најновиот извештај земјава во делот на слободата на медиумите.

ЕК забележува дека е потребна поголема транспарентност во поглед на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии, а реформата на јавниот радиодифузен сервис е потребна заради јакнење на неговата независност, професионални стандарди и финансиска одржливост. Се забалежува и дека Собранието го одложува назначувањето на членивите на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и Советот на медиумскиот регулатор уште од декември 2018 година. Во извештајот се забележува и дека работните услови за новинарите продолжуваат да претставуваат предизвик.

Се уште важат препораките на Комисијата од минатата година. Во текот на следната година, Северна Македонија треба да ја ревидира законодавната рамка поврзана со медиумите и истата да се усогласи со европското законодавство и европските стандарди, особено во однос на правилата за конкуренција и државна помош, правата на интелектуална сопственост, што претставува дел од заедничниот пазар на ЕУ, да го засили спроведувањето на стратегијата за реформа на јавниот радиодифузер и да се финализираат назначувањата во Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и Советот на медиумскиот регулатор, како и да се продолжи со итно адресирање на сите закани и чинови на насилство против новинари и да се овозможи сите сторители да се доведат пред лицето на правдата.

-Општото опкружување овозможува слобода на изразување и критичко известување. Законската рамка беше зајакната: измените на Кривичниот законик и Законот за граѓанска одговорност во однос на клеветата, усвоени во ноември 2022 година, го зголемиja степенот на правна заштита на новинарите. Сепак остануваат системските предизвици: длабока медиумска поларизација, физичко и вербално насилство врз новинарите, работните услови на медиумските работници, посебно нивните работни и социјални права. Треба да се спроведат законите што се однесуваат на функционирањето на медиумите. Дигиталните технологии и нарушувањата на медиумскиот пазар упатуваат на потребата за општа стратегија за реформи во медиумите во соработка со сите чинители, заклучува ЕК.

Словенечкото здружение на новинари (ДНС) покрена платформа на која може да се пријавуваат напади врз новинари, било физички или вербални.

Застрашување на новинари

Во делот на застрашувањето на новинарите ЕК наведува дека лани МВР регистрирало 17 случаи на напади врз новинари и отворило истраги за нив. Здружението на новинари регистрирало 14 инциденти, кои вклучуваа новинари, од кои четири со физички напади или незаконско приведување, како и 11 со вербални напади, закани и други форми на застрашување. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и медиумските здруженија, забележува ЕК, редовно ги осудува таквите инциденти.

ЕК наведува и дека во февруари 2023 година, Собранието ги усвои измените во Кривичниот законик со што се зајакна заштитата за новинарите при извршувањето на нивните професионални обврски, а Јавното обвинителство во Скопје назначи обвинител за да се следат постапките како одговор на нападите врз новинарите.

-Ова претставува позитивен развој. Назначениот јавен обвинител има овластување да ги следи постапките каде новинарите се јавуваат како оштетени странки, сведоци или пријавени лица додека ја извршувале нивната работа. МВР назначи контакт-лице во Одделението за компјутерски криминал и дигитална форензика, со што им се олесни на новинарите да известуваат за инциденти што вклучуваат булинг преку компјутер или други онлајн закани по нивната безбедност. Властите треба да овозможат непристрасни, брзи и ефективни истраги за да се изведат сторителите пред лицето на правдата, се нагласува во извештајот. Се забележува и дека политичарите и службените лица користеле неприфатлив јазик против новинарите во повеќе наврати, а продолжило и онлајн малтретирањето и вербалните закани, особено на социјалните медиуми, особено кон новинарки. Комисијата додава и дека стари предмети поврзани со физички напади врз новинари остануваат нерешени.

Законска рамка

ЕК нагласува дека Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е генерално усогласен со европското законодавство по измените во јули 2023 година.

-Покрај тој, законодавната рамка што го вклучува функционирањето на медиумите има потреба од понатамошно подобрување, согласно европското законодавство и меѓународните стандарди, додава ЕК.

Се осврнува и на државното политичко рекламирање, но и на предлогот за организирање и финансирање на кампањи од јавен интерес, за што има остри реакции од медумските здруженија.

-Се уште треба да се работи на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во однос на изборното законодавство. Забелешките од страна на медиумските здруженија во однос на државното политичко рекламирање во медиумите треба да се земат во предвид согласно европското законодавство и најдобрите европски пракси. Во ноември 2022 година, група пратеници предложија измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги што наметнуваат обврски за централните и локалните власти за организирање и финансирање на кампањи од јавен интерес. Сепак, медиумскиот регулатор и некои здруженија на новинари ги критикуваа предлозите, нагласувајќи дека тие би можеле да ја поткопаат независноста на медиумите и да го нарушат медиумскиот пазар, нагласува ЕК.

Потенцира дека се потребни се поодржливи решенија за да се поддржи опстојувањето на медиумите.

-Во 2022 година, владата продолжи да го намалува финансирањето на радиодифузниот сектор. Собранието повторно не успеа да назначи нови членови на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и Советот на медиумскиот регулатор. Мандатите на тековните членови на двата совети беа продолжени се до изборот на нови членови од страна на Собранието, се наведува во извештајот.

Спроведување на законодавство/институции

ЕК наведува дека во 2022 година, медиумскиот регулатор ја продолжил својата надзорна улога врз различни форми на медиуми околу незаконската медиумска концентрација и сопствеништво. Регулаторот продолжил да работи со граѓанските организации и медиумите во промоција на медиумската писменост и темите на полето на човекови права, како што се родова еднаквост и почитување на правата на лицата со попреченост од страна на радиодифузерите.

-Треба да се зајакне финансиската стабилност и независноста на медиумскиот регулатор. Ова е уште поважно бидејќи институцијата доби дополнителни одговорности по усогласувањето на националното законодавство со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ, забележува ЕК.

Во извештајот се наведува и дека лани Советот за етика во медиумите примил 78 претставки околу прекршување на етичките стандарди. Најчестите претставки, што претставуваат 49.37 отсто од сите случаи, се однесуваат на прекршување на законската одредба дека „новинарите треба да објавуваат точни и потврдени информации“.

ЕК нагласува дека иако говорот на омраза е забранет онлајн и офлајн, тој продолжува да биде присутен во онлајн сферата. -Во 2022 година, Здружението на новинари изрази особена загриженост околу говорот на омраза и навредите насочени кон новинарите и медиумските работници од страна на политичарите и другите носители на јавни функции. Бројот на кривични пријави за навреда и клевета против новинари беше повеќе од двојно зголемена во споредба со претходната година: 54 случаи во 2022 година наспроти 20 во 2021 година, се вели во извештајот.

ЕК забележува дека реформата на јавниот радиодифузен сервис повторно била одложена. И покрај Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 2021 година, властите повторно искористиле законски дискрециони овластувања во 2022 година за да го скратат финансирањето на радиодифузниот сектор.

-Буџетските промени создаваат несигурност во планирањето. Властите треба да овозможат доволни и стабилни финансии за јавниот радиодифузен сервис. Не беше најдено решение за старите долгови на јавниот радиодифузен сервис кон државните институции. Потребни се натамошни напори за да се обезбеди независноста и одржливоста на јавниот радиодифузен сервис, и од финансиски и од законодавен аспект, се вели во извештајот.

ЕК наведува дека пандемијата на Ковид-19, руската агресија врз Украина и глобалната економска и енергетска криза создале дополнителен притисок врз медиумската индустрија. Властите ги поддржале медиумите преку низа економски мерки, вклучително и намалување на надоместокот за дозвола за радио и телевизиско емитување во 2023 година.

-Медиумските здруженија продолжија да изразуваат загриженост за интегритетот на медиумите и уредувачката независност, и укажаа на потребата за проценка на влијанието на концентрацијата во сопствеништвото врз медиумскиот плурализам и уредувачката независност. Тие исто така укажаа на ризикот од преголемо влијание на поединци или групи на медиумски сопственици врз медиумите. Потребна е понатамошна поддршка за развојот на професионално и истражувачко новинарство. Независноста на медиумите треба дополнително да се заштити, нагласува ЕК.

Во извештајот се наведува и дека во ноември минатата година група пратеници поднесоа амандмани на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да ја отстранат забраната за државно рекламирање во приватните медиуми.

-Одредени медиумски здруженија се противат на ова, стравувајќи дека тоа би можело да ја поткопа независноста на медиумите и да го наруши медиумскиот пазар. Медиумските здруженија продолжија да изразуваат загриженост околу законодавните одредби што им дозволуваат на политичките партии да користат државни средства за реклами во медиумите и околу недостигот на транспарентност за партиско-политичките реклами воопшто и на онлајн медиуми, конкретно на 32 платформи, потенцира ЕК.

Во извештајот се наведува дека во 2022 година постоеја пет дневни весници, од кои два на албански јазик. Властите продолжиле да ги поддржуваат печатените медиуми со над 300 000 евра. Како што е предвидено со законот, се додава во документот, медиумскиот регулатор редовно објавува регистар на радиодифузни и печатени медиуми, како и информации околу бројот на вработени и видот на вработувања. Се проценува дека постојат помеѓу 150 и 200 онлајн медиуми.

Социјалните мрежи станаа расадник на екстремизмот кој се користи за поткопување на демократијата, заклучи експертска група во Давос и повика на реформи што ќе ја вратат довербата во власта и

ЕК нагласува дека онлајн медиумите не се регулирани со конкретен закон и додава дека постои промена во пазарот на рекламирање кон дигитално рекламирање, со растечки закани од дезинформации, прекршувања на интелектуални права и недостиг на транспарентност во однос на платеното политичко рекламирање.

-Одредени онлајн медиуми се под влијание на политички личности. Политичките партии не се обврзани да објавуваат информации за средствата потрошени на реклами на социјалните медиуми. Постои несоодветен надзор врз употребата на лични податоци за изборните кампањи. Разбирањето на опасностите од дезинформации од страна на јавноста треба да биде подобрено, како и вештините за медиумска писменост во целокупното општество. Сегашните мерки против дезинформации не се многу ефективни. Потребна е посилна само-регулација кај онлајн медиумите, конкретно преку промоцијата на регистарот на онлајн медиуми (promedia.mk) и развој на професионални стандарди за онлајн новинарство, потенцира Европската комисија.

Во однос на пристапот до информации, ЕК наведува дека Агенцијата за заштита на право на слободен пристап до информациите од јавен карактер примила 343 претставки, од кои 195 била главно од граѓански организации, додека 148 од физички лица.

Професионални организации и работни услови

ЕК наведува дека во 2022 Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници регистрирал разни прекршувања на работничките права, особено големи број на краткорочни или хонорарни договори без здравствено осигурување, право на одмор, неплатена прекувремена работа и задолжителни ноќни смени.

-Дијалогот со Владата треба да се унапреди. Напорите насочени кон подобрување на работните услови во медиумите се попречени од економските предизвици во секторот и отпорот кон формирањето на новинарски синдикати. Потребни се понатамошни напори за да се заштитат професионалните и работничките права, слободи и безбедност на новинарите, конкретно преку подобрување на законодавната рамка околу работата на синдикатите. Многу новинари немаат друг избор освен да прифатат несигурни работни договори. Ова, заедно со тешките социо-економски услови, придонесува кон култура на самоцензура и создава можности сопствениците на медиумите да влијаат врз уредувачката политика, нагласува ЕК.

Во извештајот се додава и дека Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги претставила нова специјализирана веб страна за родова еднаквост и медиуми, со цел да послужи како ресурсен центар за новинари. Анализите покажале дека има мал број жени на водечките позиции во приватните медиуми. ЕК нагласува дека се потребни дополнителни мерки за промовирање на родовата еднаквост во медиумската индустрија.

Би можело да ве интересира

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

А1он

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

Орце Костов

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

Орце Костов

Истражување: Над половина медиумски работници имаат потпросечни плати, во онлајн-медиумите секој трет е пријавен со полно работно време