Субверзивен фронт (С-Фронт) по повод 17 мај, Меѓународниот ден за борба против хомофобија, трансфобија и бифобија (IDAHOBIT) организира конференција посветена на состојбата и правата на ЛГБТИ-лицата во Македонија и прогресот во евроинтеграциските процеси на земјата.
Во рамки на конференцијата, акцент ќе се стави на усогласувањето на македонското со законодавството на ЕУ, примената и почитувањето на Европската конвенција за човекови права, како и препораките на Европскиот парламент и Европската комисија за зајакнување на антидискриминациските закони во земјата.
Во првиот дел од конференцијата, излагање за состојбата на ЛГБТИ-заедницата во Република Македонија ќе има активистот и претседател на С-фронт, Антонио Михајлов, како и холандскиот амбасадор Ваутер Пломп, кој ќе говори за начинот на кој Холандија, а и земјите-членки на ЕУ се справуваат со дискриминацијата и говорот на омраза засновани на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, кои претставуваат горливи проблеми во македонскиот контекст.
Свое видување за состојбата и придвижувањето на политичката сцена во борбата за ЛГБТИ правата, кои истовремено се и основни човекови права, како и во борбата со дискриминацијата ќе говорат потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, членката на извршниот одбор на ЛДП, Никица Корубин, извршниот директѕор на Х.Е.Р.А., Бојан Јовановски и програмската асистентка на С-Фронт, Викторија Бондиќова.
На крајот на конференцијата ќе биде доделена и наградата „Поддржувач на годината“, која се доделува на истакнати личности од јавниот и политичкиот живот во Македонија за нивниот континуиран, значаен придонес во кампањата за еднакви права за ЛГБТИ-лицата.
Наградата „Поддржувач на годината“ се доделува по втор пат. Минатата година, првата награда од овој тип му беше доделена на новинарот и ТВ-водител Огнен Јанески.