Македонија денеска не ги започнува преговорите со Европската Унија. Во Брисел, каде е половина македонска Влада предводена од премиерот Димитар Ковачевски, се одржува првата од двете, меѓувладини конференции за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство. И првите луѓе на ЕУ, кажаа дека сега започнува скрининг процесот. Ова, всушност е време во кое Македонија треба да ги прави уставните измени и да ги вметне Бугарите. Со исполнување на овој услов, ќе се отпочнат и преговорите, по втората меѓувладина конференција. Овие правила произлегуваат од Протоколот потпишан меѓу Македонија и Бугарија.
„Република Бугарија изјавува подготвеност да се согласи да се одржи првата политичка Меѓувладина конференција на ЕУ и Република Северна Македонија, со разбирање дека следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство ќе се одржи веднаш откако Република Северна Македонија во својот Устав ќе ги вклучи оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ“, стои во третата точка од дневниот ред на Протоколот.
За премиерот Димитар Ковачевски, сепак, денес отпочнуваат преговорите.
„Нека ни е среќен почетокот на пристапните преговори, заедно ќе го изодиме овој пат, и сигурен сум не така далеку од сега, заедно ќе се радуваме и на полноправното членство на Република Северна Македонија во Европската Унија”, рече Ковачевски.
Министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски, на прес-конференцијата посочи дека следна Меѓувладина конференција ќе се одржи без одлагање и други политички услови откако Македонија ќе ги изврши уставните промени – односно внесувањето на Бугарите во Уставот. До тогаш, ќе трае скрининг процесот на законодавството.
И бугарскиот премиер во оставка, Кирил Петков, пред еден месец посочи дека Македонија нема да отпочне преговори без да ги внесе Бугарите во Уставот.