Македонија активно бара решение на спорот за името, и е подготвена за директни средби со Грција во таа насока, но се уште чекаме одговор од нивна страна, изјави амбасадорот на Македонија во САД Зоран Јолевски на вчерашната средба со пратеници од Парламентарната асамблеја на НАТО во Вашингтон.
– Како посредник во разговорите под мандат на Обединетите нации, ве уверувам дека македонските власти ќе продолжат, како и досега, конструктивно и добронамерно да учествуваат во овие разговори. Република Македонија е посветена на изнаоѓање на трајно, взаемно профатливо решение на спорот, кое ќе го зачува нашиот национален идентитет и достоинство. Мојата Влада нуди и поддржува идеи и предлози за надминување на разликите, како преку посредникот Нимиц, така и директно со Атина. На 7 април, амбасадорот Нимиц претстави предлог до двете страни.
– Веднаш го известив дека сме подготвени за средба да дискутираме за овој предлог. За жал, и три месеци потоа, се уште нема одговор од другата страна за средба. Понатаму, пред две недели премиерот Груевски упати писмо до премиерот Самарас во кое предлага скорешна средба на преговарачки тимови од двете страни, предводени од нив, а под посредништво на амбасадорот Нимиц. Се уште чекаме на евентуален одговор, изјави Јолевски, кој укажал на предностите од завршуваето на започнатото проширување на НАТО во регионот.
Според Јолевски, оваа неизвесност околу евро-атланската интеграцијата на Република Македонмија е неодржлива.
Македонскиот амбасадор во Конгресот потсетил и на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој утврди дека Грција спротивно на меѓународното право, го попречува македонскиот прием во НАТО.
Амбасадорот потсети и на најавата на доскорешниот државен секретар на САД Хилари Клинтон дека следниот самит на НАТО, во 2014 година, треба повторно да биде самит на проширување при што Македонија, која ги исполни критериумите за членство, и Црна Гора, се најсериозните кандидати за прием.
На средбата во американскиот Конгрес присуствувале амбасадорите или дипломатски претставници и на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Грузија, кои заедно со Македонија се сметаат за земји – аспиранти за членство во НАТО и очекуваат да постигнат напредок на овој план до следниот самит.
На дискусијата биле присутни триесетина парламентарци од државите членки на НАТО. Американскиот конгресмен Мајк Тарнер, претседавач на делегацијата на американскиот Конгрес во Парламентарната асамблеја на НАТО, ја изразил својата подрршка за натамошното проширување на НАТО.
Тарнер, кој воедно е член на групата за пријателство со Македонија во Конгресот, рекол дека во интерес на САД е да се доврши започнатата работа. Македонија и другите балкански држави, во едночасовната дискусија доби поддршка и од пратеникот Давор Божиновиќ, поранешен министер за одбрана на Хрватска.