Доколку албанскиот Парламент не го изгласа законот за враќење на автентичните топоними на населениете места во Мала Преспа, Македонците во Албанија ќе ги бојкотираат парламентарните избори, закажани за 23 јуни.
Ова за тиранската телевизија Топ-чанел го изјави лидерот на македонската партија, Македонска алијасна за европска интеграција и градоначалник на општина Пустец, Едмонд Темелко.
– Добивме потврда, ветување од лидерите на трите главни политички сили во Парламентот дека нивните пратеници ќе гласаат за Предлог-законот. Доколку не го одржат ветувањето Македонците, кои се значајно гласачко тело, ќе ги бојкотираат изборите. Името на Пустец е Пустец и така треба да биде, а не Лиќенас, име кое насилно го стави комунистичкиот режим во 1973 година. Тоа име го користат жителите со векови, а така е и сега. Жал ми е што дел од политичките партии оваа неправда, наместо да ја испават, прашањето со години го користат за политички маркетинг пред избори, изјави Темелко.
Во прилогот на телевизијата се нагласува дека жителите, кои се сите етнички Македонци, во Мала Преспа, топонимите ги користат како што биле вековно, а не оние од пред четириесет години.
– Името Лиќенас не го користат, тоа е само формалност, за нив неприменлива, стои во извештајот, во кој се додава дека општина Пустец има најмалку 4.000 гласачи и со изгласувањето се отвора патот Советот на општината да донесе одлука за промена на вештачки наметнатите имиња, кои жителите никогаш не ги користат.
Предлог законот го предложи пратеникот од владеачката Демократска партија на Албанија, Едмонд Спахо и на седница на Законодавната комисија беше изгласан само од неговите сопартијци, додека социјалистите беа против.