Мајк Илиќ, американскиот бизнисмен со македонско потекло, подготвува голем проект за обнова на неговиот роден град Детроит со изградба на населба на станбени и деловни објекти во центарот на градот.
Во центарот на населбата е предвидено да биде изградена голема повеќенаменска сала, во која веројатно ќе се играат натпреварите на хокеј тимот Црвените крила од Детроит на Илиќ.
Според Хафингтон пост, се очекува градежниот проект да отвори 8.300 работни места, од кои 5.500 само во спортскиот центар. Инвестицијата се проценува на 1,8 милијарди долари, од кои 650 милиони долари само за градежните работи, кои делумно ќе бидат финансирани со јавни средства.
Хафингтон пост пишува дека овој проект ќе може да ја искористи планираната законска измена која ќе овозможи ослободување на даноците за изградба на развоен проект во градските централни јадра. Проектот му е неопходен на Детроит, кој веќе со децении трпи тешка судбина предизвикана од колапсот на автомобилската индустрија.
Бројот на жители се има безмалку преполовено, од 1.200.000 во 1980 година на само 713.000 во 2010 година. Сиромаштијата и високата стапка на криминал се постојан проблем за преостанатите жители, особено во центарот на Детроит.
Мајк Илиќ е сопственик на синџирот пицерии Мал Цезар, еден од најголемите синџири во САД, како и на градежни компании и бејзбол и хокеј спортските тимови – Тигрите и Црвените крила од Детроит.