Пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска, во одговор на новинарско прашање посочи дека за утрешната втора Надзорна расправа за случајот со Алта банка, ниту едно од лицата на списокот на поканети сведоци сè уште нема потврдено присуство. Дополнително, дел од нив како што појасни Лукаревска, по вторпат се на службен пат токму во периодот кога треба да се одржи расправата, додавајќи дека на утрешната расправа ќе присуствуваат само дел од претставници од институциите.
„Сите коишто се дел од списокот и коишто треба да присуствуваат утре немаат потврдено присуство, а дел од нив по вторпат се на службен пат токму на одржување на надзорната расправа. Така да утрешниот состав на сведоци ќе биде дел од институциите“, рече Лукаревска.
Лукаревска информираше дека на расправата се поканети и претставници на менаџерскиот тим, Управниот и Надзорниот одбор на Алта банка, но дека утрешната седница нема да ги исцрпи сите сведоци предложени од политичките партии.
„Исто така поканети се и дел од структурата на Алта банка во делот на менаџерскиот тим, управниот и надзорниот одбор“, рече Лукаревска.
Воедно, Лукаревска потенцираше дека процесот ќе продолжи сè додека не бидат сослушани сите предложени сведоци.
„Бидејќи ние сме и самите иницијатори на оваа надзорна расправа ќе очекуваме да има заклучоци. Меѓутоа утрешниот ден не значи дека ќе заврши надзорната расправа, затоа што нема да ги исцрпиме и сите сведоци коишто ги дадоа политичките партии“, рече Лукаревска.
