„Аферата „Маѓар Телеком“ предизвикува гласен молк на политичката сцена во Македонија, а има реална сила како и објавените „бомби“.
Либералната партија оценува дека ова прашање е суштинско за откривање на подземните врски и финансирањето на огромен дел од политичката сцена во Македонија.
Објавените сведочења и јавните настапи на актери во овој период покажуваат дека коруптивните афери се карактеристика на македонските влади во континуитет и дека во нив се засегнати и „големите“ партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ) и нивните коалициони партнери.
Откривањето на незаконското финансирање на политичарите и политичките партии е основа за спречување на корупцијата на партиите, но и на системот во целост. Затоа, Либералната партија инсистира на целосно откривање на актерите во аферата „Маѓар Телеком“.
Имајќи предвид дека документацијата за случајот била на располагање на Јавното обвинителство во најмалку два мандати, а за тоа време не е отворена постапка, Либералната партија повикува Специјалниот обвинител да го процесуира и овој случај.
Со оглед на непостапувањето на Обвинителството и судството во континуитет од 8 години, во кои расте конфликтноста на политичката сцена, за Либералната партија е јасно дека дел од решавањето на политичката криза е и откривањето и санкционирањето на коруптивните зделки на владите во Македонија во изминатите години“, пишува во соопштението на Либералната партија.