Локализиран пожарот во Прилеп, пожарникарите остануваат на терен

Од:

Големиот пожар што околу 13 часот ја зафати прилепската конфекциска фабрика „Тила“ е локализиран, но се уште пожарникарите работат да ги доизгаснат некои горливи материјали во објектот.

Според командирот на прилепската противпожарна единица Кристијан Момироски, пожарникарите довечер ќе останат на теренот.

– Пожарот е локализиран, отстранета е опасноста да не бидат зафатени соседните објекти. Кога почнало да гори, за среќа, никој немало во конфекцијата. Моментално пожарникарите догаснуваат некои горливи материјали во објектот и на покривната конструкција, а тоа може да трае довечер, изјави Момироски.

На гаснењето на големиот пожар што ја зафати конфекциската фабрика за детска облека „Тила“ повеќе од четири часа работат 16 пожарникари, пет противпожарни возила, комплетна опрема од противпожарната станица во Прилеп, а напомош на пожарникарите им беа испратени три цистерни од јавните комунални претпријатија. Во објектот немало никој кога избувнал пожарот од покривната конструкција каде се монтирани сончевите панели.

Соседот Раде Аљакоски чија куќа е веднаш до фабриката, вели дека пожарникарите брзо стигнале.

-Добив телефонски повик и некој кажа дека нешто гори. Излеговме надвор, прво ништо не видовме, а куќа до куќа сме со конфекцијата. Слушнавме силно пукање, од другата страна видовме голем чад. Благодарност голема, пожарната стигна навреме и сите други институции. Ние како соседи максимално се вложивме, помогнавме. Објектот не работеше, внатре немаше никој. Цело време се работи. Тешко, огромна штета, рече Аљакоски.

Сопствениците на прилепската конфекциска фабрика каде има дваесетина вработени се длабоко потресени од пожарот кој направи огромни штети. Велат дека објектот бил осигуран.

Допрва ќе се утврдуваат причините за избувнувањето на пожарот на прилепската конфекција кој почна да се шири од покривната конструкција.

фото: МИА

Би можело да ве интересира

Пожарот кон преминот „Блаце“ е со голем интензитет, испратен хеликоптер на МВР

Катерина Ѓуровски

50 армиски и полициски возила пренаменети за борба со шумските пожари

Активни три пожари во реони на општините Прилеп, Македонски Брод и Чашка

Ревизорите открија: Судот во Прилеп работел сомнително

Пожарот кај Валандово се гаси од воздух, гори и во прилепскои кумановско

Опасен пожар се шири кон границата со Грција, се слуша пукање на муниција

Катерина Ѓуровски