Љубчо Георгиевски, лидер на ВМРО-НП не само што ја потврди веста пласирана од Алсат телевизија дека го добил тендерот за изградба на хотел во барок стил под Кале, туку и најави дека ќе се потрудел да биде вистински барок, а не од гипс и стиропор. Георгиевски кој изјавата ја даде за „Слободен печат“, не појасни каков е тој вистински барок во 21 век.
– Рокот за изградба е во следните 10 години и јас ќе се надевам дека до тогаш политиката ќе се смени и ние ќе бидеме во можност објектот да го градиме во модерен стил.
– Ако сепак, тоа не биде можно, јас ветувам дека тоа нема да биде барок од стиропор и гипс, туку вистински, оригинален барок – изјави Георгиевски.
Како и да е, оваа изјава се коси со досегашните негови критики за изградбата на Скопје во барок стил. Досега, и тој и неговата партија редовно негодуваа на преобликувањето на Скопје.
– Барок во Македонија имало два пати – во кралска Југославија и во 70-тите години во Шуто Оризари, кога почнаа да се копираат барокни столбови. Симбол на барокот бил Офицерскиот дом, поточно „Дом српског оружја“. Каков апсурд!
– Комунистот Крсте Црвенковски искористил шанса да го урне тој дом по земјотресот, не да го санира, иако бил само напукнат, а вмровецот Никола Груевски од темел ја гради зградата што не е ни културен симбол, туку типично милитантен, изјави Георгиевски за „Граѓански“, на 03.11.2012 година.
Љубчо Георгиевски изјави дека со години е бизнисмен и ова е прв тендер кој успеал да го добие на јавна лицитација од Владата.
Токму Георгиевски јавно се прогласи за среден бизнисмен по неговиот пад од премиерската функција, што остави недоумица како и во кое време го стекнал капиталот, а истото прашање се повторуваше сите овие години.
– Георгиевски за Нова година и подари на својата сопруга Снежана Георгиевска земјоделска задруга во сопственост на Република Македонија.
– Имено, три дена пред истекот на 2001 година, Владата и го пренесе на 20-годишно користење, без никаков надомест, севкупниот недвижен имот и дворното место на задружниот дом од село Владимирово на ЗИК „Сандански” со седиште во Делчево, фирма која уште пред една година беше приватизирана од роднина на сопругата на премиерот, а потоа и од неа, пишуваше тогаш Утрински весник.
Во 2012 година, ова прашање јавно го покрена Борис Земјковски, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Како Љубчо Георгиевски, човекот кој во деведесетите години немаше скршен динар в џеб, немаше пари ни за градски автобус стана голем бизнисмен, тоа треба да се провери, изјави Борис Змејковски и тогаш повика институциите да се заинтересираат и да направат проверка на потеклото и на патот на парите, капиталот, недвижностите што ги има Георгиевски.