„Многу ми е важно ние како Европска унија да го одржиме зборот кон Албанија и Северна Македонија. Затоа треба што поскоро да се отворат пристапните преговори“, изјави за Дојче веле германската државна секретарка во МНР, Ана Лирман.
„Даваме се од себе да ги отстраниме последните пречки од патот. Мислам дека наскоро ќе постигнеме напредок“, додаде таа.
Во случајот со Скопје и ветото на Бугарија таа вели:
„Подготвени сме да ги поддржиме процесите што мора да се случат, но тоа е првенствено билатерален процес и верувам дека еден од приоритетите на новата бугарска влада е да напредува со сопствена реформска агенда. Постои голема желба историјата да им се остави на историчарите“, рече Лирман.
Франција, која неодамна го презеде шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ, претходно остро се спротивстави на проширувањето со Западен Балкан. Запрашана дали тоа се менува, германскиот државен секретар рече:
„Да. Франција испрати јасен сигнал со програмата за претседавање со Советот на ЕУ, во која една од централните работи е перспективата за пристап на земјите од Западен Балкан. Ќе се одржи конференција за Западен Балкан. Макрон во својот говор во Стразбур уште еднаш ја спомена темата и појасни дека постои таа перспектива на пристап. Од таа гледна точка, сигналите од Париз се многу охрабрувачки“.
Лирман (38) доаѓа од Партијата на зелените, како и министерката за надворешни работи Аналена Бербок. Нејзината официјална титула е „државен министер за Европа и клима“ и соодветно на тоа вели дека европската и климатската политика се нераскинливи.
„И за време на патувањето (во Скопје и Тирана) многу јасно кажав дека ќе направиме напори за поддршка на земјите од Западен Балкан во областа на обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност и заштитата на природата.
„За време на патувањето намерно се сретнав не само со членови на власта и опозицијата, туку и со граѓанското општество. И тоа е секако она што сакаме да продолжиме: соработка со граѓанското општество, поддршка за слободен, независен печат, бидејќи тоа ги прави демократиите навистина живи“, додаде таа.
Лирман во разговорот се осврна и на иницијативата „Отворен Балкан“ во која моментално се Србија, Албанија и Северна Македонија.
„Пред се разбирам дека постои голема желба за соработка во регионот. Во исто време, иницијативите кои сакаат да ја зајакнат регионалната соработка мора да бидат навистина инклузивни, што значи да се вклучат и земји како Косово“.
Осврнувајќи се на влијанието на другите актери во регионот, како што е Русија, Лирман вели дека одговорот е европската перспектива: „За нас е централно да стане јасно дека овие земји се дел од европската куќа и навистина припаѓаат таму. Дури и од геостратешки причини“.
„Во Европа многу зборуваме за европскиот суверенитет. И ако сакаме да бидеме суверени како Европејци, мора навистина да постигнеме стабилност и соработка на Западен Балкан, кој е веќе во европската куќа, но не формално. И затоа ми е многу важно“, заклучува Лирман.
Извор: МИА