Адвокатката Татјана Поповски Булоски побара прекин на судењето за предметот „Траекторија“ на СЈО, поради постапката за разрешување на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.
Се бара судењето да биде прекинато дури не заврши постапката за разрешување на Јанева. Еленко Миланов, адвокатот на Миле Јанакиески, рече дека се приклучува на ова барање на неговата колешка, бидејќи двајцата обвинители, Фатиме Фетаи во предметот „Насилство“ и Бурим Рустеми во „ТНТ“, изјавиле дека тие како обвинителски тим кој ја застапува Јанева се обратиле до Советот на јавни обвинители да им укаже за нивното понатамошно постапување за предметите кои се во главна расправа, за што заклучно со вчера не добиле известување.
Адвокатот Миланов рече дека такви барања испратиле и тие како адвокати до Советот на јавни обвинители и до Собранието. Тој рече дека Анита Топалова Исајловска испратила допис до судот дека СЈО е надвор од јавно-обвинителската хиерархија во државата и упатуваат дека надлежни за какви било одлуки за изземање на Катица Јанева и овластувања за застапување на предметите се Советот на јавни обвинители и Собранието.
„Обвинителката Лиле Стефанова е сведок во постапката која се води каде осомничен е нејзиниот властодавател“, рече Миланов и дополни дека таа би можела да биде оштетена во постапката и затоа побара барање на Стефанова.
Судијата даде получасовна пауза.
Во предметот „Траекторија“, кој е во доказна постапка, обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Тие во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија, со кои, во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.
Со противправното дејствување на обвинетите, кинеската компанија „Синохидро“ се стекнала со имотно-правна корист од над 155 милиони евра, а износот на штета претставува разлика меѓу износот на цена што државата му ја плаќа на „Синохидро“ и цената што оваа компанија им ја плаќа на подизведувачите.