Лидија Димова разрешена од директорската позиција во Националната агенција

Од:

Лидија Димова е разрешена од директорското место во Националата агенција за европски програми и мобилност, дознава „А1он“. Седницата на Управниот одбор почна доцна попладнево, кога е донесена и одлуката. Разрешувањето следува откако вчера беше поднесена и кривична пријава од Финансиската полиција за повеќе дела против Димова. Едно од делата е и злоупотреба на европски фондови. Обвинителството отвори истрага и даде предлог за одземање на пасошите на тројца осомничени, меѓу кои Димова. Според извори на „А1он“, токму ова е основ за одлуката на Управниот одбор.

Според Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, директорот може да биде разрешен и пред истекот на мандатот за којшто е избран, ако се утврдат сериозни неправилности во неговото материјално-финансиско работење поради што е нанесена штета на Националната агенција.

Препораката за разрешување на директорката Лидија Димова ја даде Владата по претходно прифаќање на предлогот од страна на премиерот Зоран Заев. Барањето до Заев го достави вицепремиерот Љупчо Николовски, поради како што наведе, неетично постапување во извршувањето на нејзината функција, поврзано со индиции за несоодветно финансиско работење и за негрижа за одржувањето на имиџот на институцијата во јавноста. Претходно, на прес-конференција, Димова кажа дека оставка не дава.

„А1он“ објави дека скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација. Директорката Димова, истражувањето го нарече манипулативно и организиран напад кон Националата агенција за европски образовни програми и мобилност. Преку социјалните мрежи, Димова се обиде и јавно да го дискредитира новинарот, заканувајќи се со тужба, на што реагираа и новинарските здруженија. Тогаш, премерот Зоран Заев ги повика истражните институции да ја испитаат работата на Националната агенција.

Во вториот дел од истражувањето, „А1он“ објави дека ангажирани во проект на фризерницата „В.Е.З. Трејд“ обвинуваа дека сопственикот Зоран Златковски, им префрлал пари на трансакциска сметка и ги барал да им ги врати во кеш. Златковски, на заедничка онлајн прес-конференција посочи дека никогаш не земал пари во кеш.

Обвинувања на сметка на Димова имаше и од пензионираната благајничка во Националната агенција, Ана Павлиду. Таа во интервју за „А1он“ посочи дека и бил вршен мобинг, но и дека соработничка на директорката Димова и се заканувала со убиство.

Фризерницата немало да  го добие грантот од над 60.000 евра во акцијата „202“ доколку проектите биле финансирани според ранг-листата што ја направиле евалуаторите. Кога две апликации биле ставени на резервна листа, а една е одбиена за грант од евалуационата комисија, било прифатено да се финансира „В.Е.З. трејд“. Организација која имала повеќе бодови од „В.Е.З. Трејд“ и не е финансирана со образложение дека има конфликт на интереси ја тужи Националната агенција. И Златковски, се поврзува со вработена во Националната агенција, со која во минатото работеле на проекти грантирани од „Еразмус+“, но неговиот проект е грантиран.

 

Би можело да ве интересира

Македонија треба да врати 2,2 милион евра злоупотребени од програмата Еразмус+

Катерина Ѓуровски

Почна судењето против поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова

(ВИДЕО) Лидија Димова не дојде на првото судење со оправдување за влошено здравје, судијката реагира: Не ми се допаѓа ваквиот почеток!

Кристијан Ландов

Обвинение за Лидија Димова, предизвикала штета од 20 милиони денари со злоупотреби

Кристијан Ландов

Вештачење ги дели Лидија Димова и соработниците од обвинение за злоупотребите во Националната агенција

Кристијан Ландов

Лидија Димова ја тужела Агенцијата со која директоруваше, додека чека Обвинителството да одлучи дали ќе ја гони неа

Кристијан Ландов