„Социјална правда – СЕГА“ е насловена панел дискусијата што Фондацијата „Фридрих Еберт“ и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ ја организираат во петок, 19 февруари, во ГЕМ клубот, во пресрет на Меѓународниот ден на социјална правда, 20 февруари.
Социјалната правда во земјава е формално регулирана и загарантирана за сите граѓани еднакво, пред сè со Уставот и со законската рамка, но, за жал, во реалноста често се сретнуваме со социјална нееднаквост, која се манифестира на најразлични начини.
Како до општество во кое социјалната правда ќе биде императив? Дали македонскиот работник си ги знае сите свои права? Ги штитат ли доволно синдикатите неговите права? На кој начин се вработуваат и отпуштаат македонските работници? Колку при донесувањето на одлуката за отпуштање има улога и социјалниот момент? Дали постои пракса на проценка на компетенциите на вработените, како и нивно доусовршување? Кои се факторите кои влијаат на високата стапка на невработеност на младите? Дали се тоа лошите услови на пазарот на трудот?, се само дел од прашањата кои ќе бидат третирани на панел дискусиите.