Лицата со попреченост можат да бидат активни чинители во општеството, а не само приматели на услуги

Од:

Отстранување на сите видови бариери, меѓу кои и физичката непристапност до институциите, поголема инклузивност во образованието, подобрен пристап до здравствени услуги, развој и поголема достапност на нови сервиси за поддршка, зголемување на капацитетот на сите институции, зголемување на износот на паричните додатоци за поддршка, како и подигнување на јавната свест и остранување на дискриминацијата и стигматизацијата со цел да бидат активни чинители во општеството, бараат лицата со попреченост.

Во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 Декември, на денешната онлајн тркалезна маса насловена „Трансформирање на општеството: Заедница за сите“ тие посочија дека државата прави напори за унапредување на состојбите и оти работите се придвижуваат, но оти е потребна и натамошна посветеност и на Владата и институциуите, но и на целото општество.

Владините претставници нагласија дека државата работи посветено на реализација на овие барања, со цел лицата со попреченост да можат да ги уживаат сите права и да имаат исти можности, потсетувајќи на се што изминатиот период било направено во таа насока.

-Особено ми е драго што во изминатите три години успеавме да ја оствариме нашата цел, да ги направиме институциите сојузници на лицата со попреченост од кои секогаш треба да очекуваат политики за подобрување на нивната положба. Уште повеќе ми е драго што создадовме амбиент во кој се прифати дека овие наши сограѓани се сојузници на целото општество и оти се тука за да сметаме на нив, рече обраќајки се на конферецијата премиерот Зоран Заев.

Инклузијата, рече, не подразбира сожалување, туку заедништво и сојузништво и пред се правичен и достоинствен третман во секојдневниот живот. Во таа насока секогаш ќе не води определбата да бидеме пример дека сме општество кое прво ја гледа можноста, а не попреченоста. Само така, рече Заев, ќе бидеме општество кое ги отворило очите за сите свои сограѓани без исклучок.

Тој потсети дека во насока на подобрување на состојбите почна со работа Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, кое воспостави механизми за промовирање, заштита и следење на спроведувањето конвенцијата, согласно препораките на ОН, дека е воведено право за надоместок за лица со интелектуална попреченост, зголемен надоместокот за скратено работно време до 50 проценти од просечна плата, оти сите деца се извадени од институциите и се згрижени во групни домови… Премиерот најави и законско решение кое ќе влезе во владина процедура, а со кое се намалува возрасната граница за услугата лична асистенција од 18 на шест години, за деца со потешка или најтешка физичка попреченост или со целосно оштетување на видот.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска верува во едно општество за сите и оти во таа насока работи институцијата која ја раководи.

-Убавината и напредокот на човештвото почиваат на прифаќање на различностите, почитување на вроденото достоинство и индивидуалноста на секој граѓанин. Искрено верувам во концептот едно општество за сите и тоа подразбира создавање услови и еднакви можности на сите граѓани за личен и општествен развој на еднаква основа. На попреченоста треба да се приоѓа како на човеково право, а не медицинска дијагноза, рече министерката.

Секој од нас, потенцира таа, е најсилен таму каде живее, припаѓа, каде се неговите блиски – во својата заедница и затоа, продолжуваме да градиме систем на социјални услуги кои го поддржуваат поединецот во заедницата. Најави дека во наредниот период, МТСП сериозно ќе се зафати со реформи во областа на трудот и работните односи, како можност да се креираат решенија кои ќе ја поттикнат инклузијата на лицата со попреченост на отворениот пазар на трудот. Ќе продолжиме, нагласи Царовска, да се бориме против дискриминација, по било кој основ, вклучувајќи ја и дискриминацијата по основ на попреченост.

Министерката за образование Мила Царовска на конференцијата говореше во делот на обезбедување инклузивен образовен систем. Инклузивното образование, вели, е процес со кој треба да им се излезе во пресрет на сите ученици и на сите училишта да може да се прилагодат и обезедат соодветно образование за сите деца.

-Тоа од една страна ги пресретнува потребите на децата со попреченост во образовниот систем. Од друга страна, многу важна улога што треба да ја одигра образовниот систем е да ги подготви сите деца да ги прифатат и заеднички да разговараат за различните потреби на другите деца со попреченост. Ова укажува дека треба да се изгради во секое училиште заедништво и комуникација на сите ученици зата што тие се еднакви пред се само имаат различни потреби, рече Царовска.

Потсети дека се обезбедени 54 милиони денари Буџетот на државата за ангажирање на образовните асистенти, и оти на таков начин се одговара на различните потреби на учениците, преку обезбедување на пристапност, соодветна поддршка, зголемување на учество во учењето, присуството во училиштето и во заедницата. Воведуваме, рече министерката, прилагодени образовни содржини, соодветни наставни приоди, организација на воспитно-образовниот процес, за да се овозможи квалитетно образование за секое дете.

На конференцијата се обрати и Венко Филипче, министер за здравство, кој истакна дека се работи на обезбедување физички пристап до здравствените усанови со цел овие лица да можат непречено да ги остваруваат здравствените услуги. Интензивно се работи, рече тој, на зголемување пристап кон ортопедски помагала, а се инвестраше и во лекови за ретки болести, од кои дел можат да доведат до попречености.

Томица Стојановски, претседател на Националниот совет на инвалидските организации, укажа на бројните проблеми со кои се соочува оваа група граѓани веќе подолг период. Напредок, вели, е направен, но институциите треба да продолжат во таа насока и постојано да работат во решевање на овие проблеми со цел лицата и децата со попреченост да можат полесно да се интегрираат во општеството, од образовниот систем, до пазарот на трудот, но и во сите сегменти на општествениот живот. Побара државата да размисли за зголемување на износот на паричните средства кои државата им ги исплаќа како поддршка.

На оваа онлајн конференција учествуваа и Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија и Росана Дуџиак, постојан претставник на ОН во Северна Македонија.

Би можело да ве интересира

Уставен ја укина одредбата од законот според која на лицата со тешка попреченост над 65 години не добиваа парична помош

A1on

Владата ја усвои Новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030

Трибина на ВМРО-ДПМНЕ: Се загуби 70-годишната траекторија во образовниот процес на лицата со попреченост

МТСП: Лицата со попреченост заслужуваат подеднакво можности за развој, затоа оваа Влада континуирано инвестира и во социјалната заштита

Влада: Започнува процесот за креирање на нова Национална стратегија на лицата со попреченост

А1он

Тренчевска: Преку соработката со граѓанските организации обезбедувaме поддршка за сите граѓани​

А1он