Македонските организации ЛГБТИ Центар за поддршка, Хелсиншки Комитет за човекови права на Република Македонија, Коалиција Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници и ЛГБТ Јунајтед Тетово испратија писмо за поддршка до нивните пријатели од Хрватска по нападот на ноќниот клуб „Супер Супер“ каде што се одржувала ЛГБТИ тематска забава. Писмото е испратено до Амбасадата на Република Хрватска во Република Македонија.
„Најостро го осудуваме нападот со солзавец во ноќниот клуб „Супер Супер“ кадешто се одржуваше ЛГБТИ тематска забава. Ова подло злодело од омраза повреди неколку невини лица и трауматизираше многумина други.
Ги поттикнуваме хрватските власти да преземат мерки против сторителите и со пример да покажат дека нема место за омразата и нетолеранцијата во хрватското општество. Неопходна е бескомпромисна и брза правда за да се обезбеди сигурноста на граѓаните и заштитата на човековите права на ЛГБТИ луѓето. ЛГБТИ Центарот за поддршка беше мета на слични континуирани напади во последните години. Од прва рака се уверивме дека непостапувањето на властите во овие случаи само ги охрабрува сторителите повторно да се впуштат во насилство насочено кон ЛГБТИ заедницата. Стоиме рамо до рамо со нашите пријатели и колеги од Загреб во барањата за заштита и правда. Заедно велиме НЕ на омразата и насилството.
Бараме од министерот за внатрешни работи, господинот Влахо Орепиќ, и хрватската влада строго да го осудат ова злосторство од омраза и да ја убедат јавноста дека ќе биде преземена истрага за расчистување на случајот. Борбата за човековите права на ЛГБТИ луѓето нема да биде разнишана со вакви кукавички акти, напротив, ќе биде зајакната и пофокусирана. Љубовта секогаш ја победува омразата!“ стои во писмото на македонските организации.