Левица: Власта ги одби амандманите за прогласување на Кожуф и Огражден за заштитени подрачја

Од:

Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, ги образложи амандманите со кои пратеничката група повторно предложи да се издвојат по 200.000 евра во Буџетот за 2026 година за изработка на студии за валоризација на планините Кожуф и Огражден – како прв чекор кон нивно прогласување за национален парк, односно заштитено подрачје. И покрај образложението и јавната поддршка за заштита на овие региони, власта ги одби предложените амандмани.

Јанчев потсети дека Кожуф претставува национално богатство што повеќе од една деценија е под континуиран притисок од поединци кои, во трка по профит, се обидуваат да ја загрозат планината. Како доказ за јасната волја на граѓаните, тој го наведе референдумот од 2017 година во Општина Гевгелија, кога од излезените 69% граѓани, дури 99% гласале за заштита на Кожуф.

Јанчев истакна дека Кожуф одамна не е локална тема, туку национален интерес и национален проблем, што се потврди и ова лето со 72-дневната блокада на Дошница, организирана од граѓани од целата држава, со цел спречување на изградба на две мали хидроцентрали на најчистата река во Македонија.

Пратеникот исто така го образложи и амандманот за издвојување 200.000 евра за студија за валоризација на планината Огражден, неопходна за нејзино прогласување за заштитено подрачје. Тој предупреди дека веќе една деценија овој регион е под закана од отворање рудник кај Иловица и Штука – проект што граѓаните со право го нарекуваат „рудник на смртта“.

Јанчев нагласи дека планираното хидројаловиште, со предвидена брана висока 276 метри (највисока од овој тип во светот) претставува директен ризик за здравјето на граѓаните, водите и земјоделството во Струмичката котлина. Дополнителен ризик е и фактот што регионот е трусен, а евентуален дефект или земјотрес би имал катастрофални последици.

Пратеникот истакна дека е време власта конечно да ја избере вистинската страна – страната на народот и заштитата на природното богатство, а не страната на профитерите.
Сепак, власта, исто како и минатата година, и овој пат ги одби и двата амандмани, оставајќи ги процесите за заштита на Кожуф и Огражден без поддршка и во 2026 година.

Би можело да ве интересира

Исмаил: Наместо за работниците, парите одат во профит

Левица: Владата на ДПМНЕ го претвора домувањето во извор на профит за странски фондови

Горан Наумовски

Мојсоска: Министре Алиу, болните од хемофилија чекаат на вашата милост да распишете тендер за лек

А1он

Апасиев: Левица стана снајперист за корумпираните – ќе и поднесе кривична на „антикорупционерката“ Цвета Ристовска

А1он

Левица: Манипулациите од типот „жена, мајка, крaлица“ не ја перат Дафина

А1он

Левица: Оставката на Ристовска не е личен чин туку признание по изнесените скандали од страна на Левица

Горан Наумовски