Левица нема да го поддржи законот за енергетика поради зголемената либерализација

Од:

Политичката партија Левица нема да го поддржи предложениот Закон за енергетика, пред сѐ, бидејќи со него, како целина, дополнително се продлабочува процесот на либерализација на пазарот во една од најкритичните стратешки области – енергетиката. Овој Предлог-закон јасно покажува дека државата нема ниту намера, ниту план да ги национализира енергетските капацитети и да ги стави во служба на јавниот интерес, велат од Левица.

„Со либерализација, енергетскиот сектор и стратешките капацитети стануваат лесен плен за странскиот капитал, кој, мотивиран исклучиво од профитни интереси, нема да има никаква обврска да ги заштити националните интереси или да обезбеди пристапна цена за граѓаните. Искуствата од други земји покажуваат дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија неизбежно води кон енормно поскапување на струјата за домаќинствата, зголемување на социјалните разлики и намалување на квалитетот на услугата.

Наместо зајакнување на државната улога и јавното влијание во енергетиката, со новиот закон се создаваат услови за натамошно доминирање на приватните оператори и монополист на штета на граѓаните и социјалната правда.

Сепак, во насока на активна заштита на интересите на потрошувачите, Левица поднесе сет амандмани со кои настојуваме да се ублажат најштетните аспекти на предложеното законско решение. Клучните области на нашите амандмани се: Зголемување на транспарентноста, одговорноста и контролата врз Регулаторната комисија за енергетика; Засилување на заштитата на потрошувачите во процесите на мерење, фактурирање и наплата на електричната енергија; Воведување на реални и пропорционални санкции за операторите што ги прекршуваат законските обврски.

Наместо државата да си ја врати контролата врз енергетскиот сектор – кој е клучен за економската независност и социјалната стабилност – гледаме нов обид за целосно препуштање на пазарот во рацете на странски и домашни монополисти. Левица останува доследна на принципот дека енергетските ресурси мора да бидат под државна сопственост и контрола, во корист на народот, а не за профит на мал број корпорации.

Меѓу клучните слабости на предложениот закон ги посочуваме:

– Недостигот на механизми за ефективен надзор врз Регулаторната комисија и нејзиното разрешување во случаи на сериозни пропусти;

– Донесување подзаконски акти што овозможуваат издавање на фактури со неточни и непроверени податоци, без ефикасен надзор врз операторите;

– Симболични и несразмерно ниски казни за прекршителите во енергетскиот сектор, што ја поттикнува неказнивоста и ја поткопува заштитата на потрошувачите;

– Отсуство на каков било план за ревидирање на досегашните приватизации или за враќање на стратешките капацитети во државна сопственост.

Со поднесувањето на амандманите, бараме Собранието да ја зајакне улогата на државата во енергетиката, да ја заштити електричната енергија како јавно добро и да обезбеди пристапни цени и транспарентна наплата за потрошеното за сите граѓани. Левица ќе продолжи активно да се спротивставува на секој обид за приватизација на јавните добра, либерализација на стратешките сектори и отстапување на државниот суверенитет, велат од партијата.

Би можело да ве интересира

Левица: Брутално скратен буџетот за лицата со ретки болести – државата штеди на живот

Горан Наумовски

Левица: Дали партиски инсталации во ДБКИ се шверцуваат во Мисијата на НАТО во Брисел спротивно на закон?

Горан Наумовски

Левица: Орце глуми скромност, а ангажира личен шофер за претседателот на Совет

До спикерот Гаши доставено барање за укинување на имунитетот на Јанчев

Левица: ДКСК со Цвета Ристовска наместо да го спасува Томовски по втор пат да го истражи случајот со тендерите

(ВИДЕО) Станкоска: Дали со еден стан Орце го реши проблемот на жените жртви на насилство?!