Додека народот едвај преживува, Владата на ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ си ја дополнуваат трпезата со нови луксузни набавки за своите функционери. Во најновата епизода на расипничко однесување, директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, во април и мај склучил нови договори вредни милиони денари: 1.890.000 за пилешко месо; 441.000 за јајца; 1.680.000 за сирење и кашкавал; 1.549.000 за млеко и други млечни производи; 126.000 за брашно; 2.520.000 за чаден лосос, школки и лигни од екстра или А класа со големина од 9-12 сантиметри; 5.775.000 за други разни видови месо; 2.950.000 за пиво, вино и жестоки пијалаци и 3.675.000 за сокови и чаеви. Сѐ на сѐ, повторно десетици милиони денари од народниот Буџет се трошат за да се задоволат гурманските хирови на власта, додека граѓаните со месеци се соочуваат со енормни цени на храната и сметките, со мизерни минимални плати, тврдат од Левица.
„И не станува збор за изолиран случај, туку за ароганција која доаѓа по реакциите на народот за набавката на аспарагус, папаја и други егзотични овошја и зеленчуци од септември 2024 до март 2025 година. Додека Владата си живее на големо, граѓаните се повикуваат да бидат скромни, да не се жалат на скапотијата и да прифатат редефинирање на животниот стандард. Имено, наместо да се подобри животот на граѓаните,
Владата на Мицкоски реши статистички да ја намали потрошувачката кошничка, па наместо четиричлено семејство, сега трошоците ќе се мерат за трочлено, се трга годишниот одмор во Дојран, алкохол, цигари и сезонско овошје, бидејќи според оваа ненародна власт тоа е луксуз што обичниот човек е нелогично да го има.
Истовремено, додека играат манипулативна и лицемерна политика, Владата уште еднаш го изневери народот во најтешките мигови.
По трагедијата во Кочани, кога Македонија изгуби млади животи, од страна на истиот директор – Ивица Томовски и портпаролката Марија Митева, беше најавено дека Владата ќе донира почетни 150.000 денари на секое семејство со настрадан и повреден член. Но, и по од два месеца, евидентно според јавно достапните информации – семејствата немаат добиено ниту денар од Владата. Потсетуваме дека наместо итна помош, Владата само три дена по трагедијата склучи договор вреден 22.857.964 денари за мерење на рејтингот на Мицкоски.
Левица најостро го осудува ваквото расипничко, лицемерно и антинародно однесување на Владата. Додека сè повеќе граѓани се соочуваат со сиромаштија, економска несигурност и недостиг на основни средства за живот – владините функционери се расфрлаат со јавни пари за скапи оброци и луксуз. Наместо да одговорат со солидарност и одговорност во време на кризи – тие вложуваат милиони во мерење на политичкиот рејтинг и задоволување на личниот аздис. Очигледно е дека оваа Влада не умее да укаже грижа за јавниот интерес, туку служи исклучиво на сопствените интереси и на привилегираните малкумина околу неа“, велат од партијата.