Иако поминаа седум месеци откако фудбалскиот клуб Вардар на хартија доби нов сопственик, најтроферниот македонски клуб ја продолжува лошата сезона, додека се повеќе расте незадоволството кон извршниот директор и истакнат поддржувач на власта, Миленко Неделковски. Кога новиот сопственик го презеде клубот, власта и министерот за спорт Борко Ристовски најавуваа дека конечно ФК Вардар ќе го врати својот блесок, но единствено што сведочиме е како фудбалскиот клуб продолжува да тоне, сега со нивниот партиски поддржувач Миленко Неделковски како извршен директор, велат од Левица.
„Сомнително е што новиот сопственик Атила Бијен Јалили седум месеци никаде го нема да се огласи во јавноста, ниту пак да информира каква е неговата визија за клубот кој некогаш беше македонска гордост. Додека во јавноста тој беше презентиран како успешен менаџер на унгарска компанија, дел од медиумите обзнанаа дека вистински сопственик на унгарската компанија е компанијата „Полат холдинг“ и турскиот милијардер Аднан Полат. Тогаш медиумите објавија дека оваа турска компанија со неколку фирми е присутна и во Македонија во бизнисот со енергија и производство на масло за канабис.
Контроверзното преземање на ФК Вардар од анонимно име во фудбалот, зад кое стои турско-унгарска компанија со фирми во Македонија – отвора низа прашања за замешеноста на политички интереси, а на грбот на македонскиот клуб. Дополнително, министерот за спорт Борко Ристовски и целокупната влада молчи пред незадоволството на јавноста кон извршниот директор Миленко Неделковски.
Скандалозни се информациите кои беа обзнанети во јавноста дека високи владини претставници се заканувале дека или Миленко ќе биде директор или ФК Вардар нема да постои!
Ваквиот понижувачки однос на власта на Мицкоски кон најтрофејниот македонски клуб укажува дека интересите за спас на ФК Вардар не се приоритет – туку приоритет се матни зделки со анонимен сопственик и извршен директор, кој за македонската јавност е повеќе од контроверзен. Меѓу другото, ако се има предвид дека токму Миленко Неделковски во минатото беше критичар на политиките на Мицкоски во опозиција, се чини дека премиерот е подготвен да го “жртвува” ФК Вардар за да ги задоволи апетитите на сегашниот негов контроверзен поддржувач“, тврдат од партијата.