Левица: ЕВН наплаќа „милиони“ за модерна мрежа, додека граѓаните добиваат неквалитетна услуга

Од:

Дури 39.611 непланирани прекини во снабдувањето со електрична енергија биле регистрирани во текот на 2025 година, покажуваат податоците од официјалниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика. Од нив, 31.619 прекини се случиле на нисконапонската мрежа, односно на мрежата која директно ги снабдува домаќинствата. Овие бројки се директен показател за состојбата со електродистрибутивната мрежа и се во целосна спротивност со приказната за нејзина континуирана модернизација и подобрување, велат од Левица.

– И покрај сите најави за инвестиции и подобрување на мрежата, времетраењето на непланираните прекини е намалено за само 0,42%. За граѓаните тоа значи прекини кои траат со часови, нестабилно снабдување во зима и лето и реален ризик од оштетување на електричните апарати. Притоа, граѓаните редовно плаќаат за дистрибутивната услуга преку своите сметки, што значи дека за нив е обезбедена обврската да плаќаат, но не и гаранцијата дека ќе добијат квалитетна услуга.

Во услови кога ЕВН има регулиран и гарантиран приход од граѓаните, недозволиво е ризикот и трошокот од неквалитетната инфраструктура да се префрлаат врз потрошувачите. Средствата што граѓаните ги издвојуваат преку мрежарината мора да се преточат во реално одржување, реконструкција и модернизација на мрежата, а не во уште една ставка преку која приватниот монопол обезбедува сигурен приход.

Во исто време, РКЕ наместо да постави јасни и строги стандарди за квалитет и да обезбеди санкции за нивното непочитување, се задоволува со прикажување статистики за минимални подобрувања. Регулаторот мора да го штити потрошувачот, а не да го штити комфорот на монополот. Кога дистрибутерот не ја испорачува услугата со соодветен квалитет, граѓанинот мора да има право на автоматски надомест, а не да биде принуден сам да ја бара правдата.

Затоа, Левица бара воведување автоматски обештетувања за граѓаните, преку законска обврска ЕВН автоматски да ја намали сметката за 10% на секое домаќинство кое имало повеќе од три непланирани прекини во еден месец. Истовремено, мора да се воспостават строги стандарди за квалитет и рокови за санација на дефектите, при што за прекин подолг од два часа дистрибутерот да плаќа директен надомест на корисникот.

Потребно е и директно насочување на средствата од мрежарината во критичната инфраструктура, со приоритет на реконструкција на нисконапонската мрежа во руралните и приградските средини, каде граѓаните најчесто се соочуваат со проблеми со снабдувањето. Мрежарината мора да служи за мрежата, а не да биде уште еден механизам за профит.

ЕВН мора да сноси одговорност за неквалитетната услуга, а РКЕ конечно да престане да ја толерира ваквата состојба. Наместо граѓаните да ги трпат последиците од честите и долготрајни прекини, ЕВН мора да биде санкциониран за секое непочитување на стандардите за квалитет, а средствата од мрежарината да се насочуваат во реално одржување и реконструкција на мрежата, тврдат од партијата.

Би можело да ве интересира

Левица го засилува фронтот во изборна единица 1 – против бетонизација, загадување, узурпација на јавен простор

А1он

Левица: Официјалните извештаи потврдија дека Треска е мртва река, а институциите молчат – бараме кривична одговорност

Левица: И по четири човечки жртви, власта повторно го отвора коритото на Пчиња за бизнис 

Левица: Бугарите влегуваат во Устав – Фон Дер Лајен го „деблокира процесот“, а Мицкоски кима со главата

Левица: МВР на Тошковски се обиде да ги евидентира заканите на градоначалник кон советничка како поплака

А1он

Левица поднесува интерпелација за министерката за енергетика Сања Божиновска

Катерина Ѓуровски