Левица: Декларацијата за Палестина заглавена од ДУИ и Африм Гаши

Од:

Декларацијата за признавање на државата Палестина, поднесена од пратениците на Левица, е заклучена во фиоката на Муса Џафери од ДУИ повеќе од три месеци. Оваа уредно поднесена декларација уште на самиот почеток наиде на опструкции. Најпрво, претседателот на Собранието Африм Гаши три пати ја враќаше на доработка, а потоа, претседателот на надлежната собраниска Комисија – Муса ЏАФЕРИ од ДУИ одби да ја стави на дневен ред на комисијата, што е негова деловничка должност, велат од Левица.

„Поради ваквите опструкции, пратеникот Реџеп Исмаил од Левица на последната комисиска седница побара дневниот ред да биде надополнет и конечно Декларацијата за Палестина да се најде пред пратениците. За жал, пратениците од сите останати партии не собраа храброст и доблест да гласаат за оваа декларација и кукавички одбија Декларацијата да се најде на дневен ред, за да може да се расправа по истата.

Бојкотот за оваа Декларација е уште еден доказ дека сите парламентарни политички партии одбираат да бидат покорни на мал број империјалистички земји и немаат храброст ни да го осудат едно од најголемите злосторства кои денес му се случуваат на човештвото. Однесувањето на сегашната влада предводена од Мицкоски само потврдува дека по однос на надворешната политика останува вазалски настроена кон т.н. „стратешки партнери“ и по ниту еден параметар не се разликува од нивните претходници од СДС и ДУИ.

Премолчувањето на неправдата, насилството и воените злосторства како држава нè прават соучесници во истите. Македонскиот народ одбива да биде соучесник во злосторствата кои се прават на еден народ, а и самиот претрпел исти такви злосторства во својата историја. Убиството на над 47.000 цивилни жртви, од кои 18.000 се деца, е геноцид којшто не смее да биде премолчен од Македонија!

Со оваа декларација, Македонија ќе стане дел од светското движење за признавање на палестинската независност и ќе се приклучи кон Словенија, Шпанија, Ирска и Норвешка – како последни европски држави кои ја признаа државата Палестина“, тврдат од партијата.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Левица со Предлог-закон за здравствено осигурување за сите

(ВИДЕО) Крмов: СДСМ во страв од Левица ги кочи измените на Изборниот законик

Казна од 550 евра за лидерот на „Црвена младина“

(ВИДЕО) Левица тврди дека е приведен Андреј Куцуловски поради истакнување знаме на Палестина

Горан Наумовски

Левица: Државата не е способна ниту мизерниот 1% од концесиите да го наплати

А1он

Левица: Породилниот надоместок повторно доцни – мајките оставени без пари

А1он