Летото ќе биде натпросечно топло, со жешки бранови со екстремни тепмератури

Од:

Летниот период (јули-август-септември) се очекува да биде со натпросечни температури, но и со нестабилности со локализирани врнежи. Во јули и август се очекуваат топлотни бранови, особено во втората половина од месецот, кога ќе има и поголема опасност од пожари поради фазата на созревање на вегетацијата. Веќе денеска дневните температури ќе го надминат 40-тиот степен, а во петок попладне кон сабота (27/28 јуни) се очекува нестабилност. Нова дестабилизација на времето се очекува околу 3 и 4 јули.

Професорите Владо Спиридонов и Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет во Скопје во најновиот климатски билтен до којшто дојде МИА, наведуваат дека во јули и август се очекуваат периодични топлотни бранови со умерен интензитет, помалку екстремни од 2024 година, но и засилување на сушните услови особено во втората половина од овие два месеца. Сепак, професорите укажуваат дека опасноста од интензивни суши ќе биде поумерена во однос на минатата година.

– Летото 2025 покажува одредени синоптички и динамички сигнали кои укажуваат на поволни услови за развој на нестабилности, за разлика од минатогодишниот изразен сушен и екстремно топол карактер. Имено, излезите од повеќе метеоролошки модели укажуваат на понизок притисок над југоисточна Европа и повисок притисок над северните делови на континентот, што создава услови за формирање на синаптико-динамички образец на циркулација со засилено Атланско влијание. Тоа, од метеоролошки аспект, подразбира зголемена веројатност за летни нестабилности, односно повремени грмежливи процеси, локални врнежи и атмосферска динамика. Иако трендот на температурите е за 1 до 2°C над просекот за сезоната, не се детектираат јасни сигнали за значаен дефицит на врнежи, што дава одредена веројатност дека опасноста од интензивни суши и шумски пожари би била поумерена во споредба со минатата сезона, посочуваат професорите.

И според прогнозите од ECMWF и Коперниковата служба за климатски промени (C3S), просечната температура во јули и август може да биде повисока за 1 до 2 °C над климатската норма (1991–2020), особено во низинските и урбаните подрачја. Количините на врнежи ќе бидат блиску до нормалата, но нивната распределба ќе биде нерамномерна. Зголемена ќе биде веројатноста за краткокрајни, но интензивни локални непогоди.

Според професорите Спиридонов и Милевски, топлотните бранови нема да бидат толку долготрајни како минатото лето, туку пократкотрајни, но поекстремни, односно со повисоки температури.

– Затоа е неопходна добра подготвеност на соодветните здравствени установи, со почитување на препораките на здравствените работници, во поглед на заштита од високи температури. Важно е да се напомене дека сувите услови и топлотните бранови можно е да доведат до други проблеми, како недостиг на вода, особено во земјоделските области. Локалните невремиња, иако не се очекува да бидат екстремни и во голем обем, можат да предизвикаат привремени проблеми. Прогнозите покажуваат можни појави на локализирани поројни поплави, со зголемен ризик за руралните подрачја во подножјето на планинските падини, но и за некои урбани подрачја. Посебно зголемен ризик се очекува во почетокот на месец јули и во месец август, наведуваат двајцата професори.

За да се минимизираат ризиците, препорачуваат следење на официјалните метеоролошки извештаи и предупредувања, особено од Управата за хидрометеоролошки работи.

Очекувањата се дека во втората половина од јули и август постои зголемен ризик од пожари во шумските и руралните области од земјава.

– Со оглед на високите температури, скромните врнежи и намалената влажност, условите ќе бидат поволни за ширење на пожари, особено во јули и август, кога традиционално е пикот на пожарната сезона. Покрај климатските фактори, човечките активности, како запуштени земјоделски површини и намалена одржливост на шумите, дополнително го зголемуваат ризикот. Особен ризик од појава на пожари ќе има вдолж патиштата кои минуваат низ пониските и посушни делови на државата, во близина на шумски комплекси, особено од четинарски тип, се вели во климатскиот осврт на двајцата професори.

Професорите во изјава за МИА велат дека летото не треба да се гледа исклучиво како климатска закана, туку и како повик за навремено препознавање на ризиците, стратешко дејствување и градење капацитети за прилагодување.

– Со научно заснована проценка на ризикот, со ефикасна интерсекторска соработка, како и со добро координирани превентивни активности, можеме навремено да ги минимизираме последиците од климатските екстреми. Тоа би помогнало во следните аспекти – заштита на човечките животи и јавното здравје преку подготвени системи за рано предупредување и јавна информираност, намалување на економските загуби, особено во земјоделството, енергетиката и шумарството, јакнење на институционалната отпорност и промовирање на научните и иновативни сознанија и одржливи политики и практики што ќе обезбедат долгорочна прилагоденост кон климатските предизвици, нагласуваат двајцата професори.

Би можело да ве интересира

Пеколен бран во Македонија, температурите над 40 степени

Пеколно време, температурите ќе надминат 40 степени

Активирана фаза 3 од акцискиот план за топлотни бранови – МЗ апелира институциите, работодавачите и граѓаните да постапуваат одговорно

А1он

Топло денеска, следните денови уште потопло

Сончево со локална облачност и температура до 33 степени

А1он

Сончево и топло, до 34 степени