„Жешко е, па најкратко ќе кажам. Се согласувам со се што кажа одбраната и се што пишува во жалбата. Јас мислам дека не сум заслужил мерка притвор бидејќи соработувавме со СЈО.
Второ, немам имот во странство, а ниту сметки. Јас сум главен и одговорен уредник на Сител телевизија, а тоа значи дека треба постојани средби со продавачи на програми, а ова не може да се промени преку ноќ. Исто така професор сум на Европскиот универзитет.
Трето, професор сум во Србија, каде ако не сум присутен, ќе добијам казна. Осумдесет отсто од приходите во семејството се од мене. Ова е штета за Сител ТВ, за семејството. Сител не може да најде друг човек кој ќе ги извршува сите обврски што јас ги правам. Потенцитам дека за време на постапката во СЈО имавме коректен однос и немаше несогласувања. Во однос на ТОТАЛ МАРКЕТИНГ, таа е две години блокирана, а пак третата фирма Тотал медиа центар, поради документи кои излегоа од СЈО во јавноста таа фирма не остварува промет и има штета. Опасно е кажувањето на Бубевски за моето однесување.
За мене е бесмислено да бидам ставен во исти случаи, каде се применува иста мерка со оние кои се сомничат за криминал со 30 или 50 милиони евра“, рече денеска пред Апелациониот суд, бизнисменот и новинар Драган Павловиќ-Латас.
Тој од страна на СЈО се товари за финансиски криминал, односно даночно затојување. СЈО за него од судот побара притвор, а доби само мерки за претпазливост тој да се јавува во судот секој понеделник и одземање на патна исправа, кои се обжалени од страна на адвокатите Светлана Савиќ и Анита Бегова. Адвокатите на Латас во жалбата навеле дека е погрешна фактичката состојба утврдена од СЈО, а пак мерката според нив, не била во согласност со Кривичниот закон, Европската конвенција. Исто така, одбраната во жалбата тврди дека Латас работи како уредник на телевизија и мора да патува за да набавува серии, склучува маркетинг договори и слично.
Истовремено, СЈО ја обжали одлуката на првостепениот суд, барајќи притвор за Драган Павловиќ-Латас.
„Во однос на предлогот за притвор, поднесено од СЈО за веќе обвинетиот Латас е коректна. Таквата мерка е прифатлива, а пак судот, сосема основано утврдил суштински дека постои опасност од бегство, но и продолжување на деловната работа, па со тоа и можност за повторување на делата за кој се товари.
Мерки за немање наредни вакви криминални активности е одземање на патната дозвола и највисоката мерка. Судот проценил само во корист на обвинетиот, само за да се заштити правниот поредок. Неговото однесување укажува за причина за изрекување на највисоката мерка во овој случај. Сметам дека жалбата треба да биде одбиена како неоснована, а жалбата на СЈО да биде прифатена и за обвинетиот да биде определена мерка притвор“, вели обвинителот Гаврил Бубевски.
Одбраната на Латас по излагање на Бубевски рече дека треба да се има во предвид дека станува збор за луѓе, а не за предмети, притоа, да се има во предвид дека тој е доктор на науки. Савиќ потенцираше дека таа му замерила на Латас на доброто однесување кон СЈО и судот, а со тоа му укажала дека ако така продолжи повеќе нема да биде негова придружба во судот.
Обинителстото требаше да има доблест и да не поднесува барање за ваква мерка, бидејќи не е вообичаено. Не гледам причина зошто би се дал во бегство и како би го повторил делото. Едната фирма не е активна, другата е во постапка за ликвидација”, вели адвокатката на Латас, Светлана Савиќ.
Истовремено, адвокатката Бегова се чуди како СЈО не знае на кои правни друштва е управител Латас, а бара мерка притвор.
„Во налет на 20 обвиненија, со медиумска кампања беше без да се гледаат суштествените причини за одредување на мерка притвор. Станува збор за лице кое не е осудувано, фамилијарен човек, новинар и уредник, семеен човек. Сметам дека е апсурд на оваа жештина, овој суд да расправа за вакви прашања. Небулозни се тврдењата дека обвинетиот ќе го повтори делото”, вели вториот член на одбраната Анита Бегова.