Ане Лашкоска од ВМРО ДПМНЕ денеска во Прилеп одржа прес конференција за градбата на мостот во Сточен пазар.
„Ако вените и артериите се крвотокот на едно тело, тогаш патната инфраструктура е крвотокот на еден град. Или ако сакаме да го развиваме правилно еден град тогаш најважно е разввивање на неговата инфраструктура врз основа на важечки урбанистички планови.
Мостот кој требаше да биде започнат да се гради пред една година, а пред 2 дена го најави градоначалникот Јованоски предизвика бројни реакции.
Имено во својата изборна програма градоначалникот Јованоски и СДСМ ветија дека ќе градат обиколница во западниот дел од градот. И ако сега градоначалникот алудира дека со изградбата на мостот во Сточен пазар, во зачеток е изградба на обиколница, мора да кажеме дека и самиот тој е во голема заблуда. Но, еве нему не му земаме за зло затоа што е лекар, но недозволиво е неговите советници да го манипулираат.
Дека СДСМ се мајстори за спинување не постои човек на кого не му е јасно па се поставува прашањето, дали ќе ја спинуваат и лагата дека овој сега многу популарен мост е дел од обиколницата? Повторувам, ветување кое е дел од програмата на Јовановски и СДСМ.
Мостот во Сточен пазар е само составен дел од собирна сообраќајница на ул.,,Трајко Николоски“ која ги поврзува локалните улици од населбите кои ја тангираат оваа улица.
Апсолутно не сме против изградба на мост, но со ова решение кое го промовираше Јованоски се решава мостот, а се отвораат сообраќајни проблеми. Ова стеснување – проширување – стеснување, односно од тесна улица ќе се влегува во мост со 4 ленти, па на другиот крај повторно се излегува на тесна улица, може да биде причина за сообраќајни проблеми. Па велосипедски патеки кои кажа дека ќе ги има на мостот…што значи тоа? Луѓето по тесната улица на рамо да носат велосипед, па 20-тина метри на мостот да возат, па повторно велосипедот на рамо, во исто време кога по улицата ќе врват тешки товарни возила?
Дали со изградбата на овој мост, главна улица за движење на тешки товарни возила станува улицата „Трајко Николоски“, а со тоа овие тешки товарни возила ќе поминуваат низ населбите кои ја тангираат оваа улица? Граѓаните на Прилеп, а особено жителите на овие населби ја заслужуваат вистината!
Ова не наведува да мислиме дека единствената и главна цел со изградбата на овој мост е само перење на пари!
Оваа констатација е поткрепена и со двата договори кои со изведувачот ги има потпишано Општина Прилеп т.е. градоначалникот. Ако внимателно го слушавте Јованоски пред два дена,, тој вели дека изградбата ќе трае 4 до 5 месеци. Но вистината според потпишаните договори е сосема друга.
Градоначалникот и општината означија отпочнување на овој проект точно по една година откако го потпишаа договорот за изградба на мостот. Имено на 10.05.2019 година градоначалникот потпишал договор со изведувачот и во членот 4 од овој договор стои дека времетраењето на договорот по оваа јавна набавка изнесува 365 дена, или една година. Во членот 2 од договорот стои дека општината на изведувачот за завршената работа ќе му исплати 29.999.140 денари.
На месец дена пред истекувањето на овие 365 дена од првиот договор општина Прилеп, претставувана од градоначаникот Јованоски потпишува нов договор, повторно со истиот изведувач и повторно за истиот мост кој до тој момент воопшто не е почнат да се работи. Вториот договор е потпишан на 9.04.2020 година, значи минатиот месец, и повторно во член 4 од овој договор стои дека времетраењето на договорот по оваа јавна набавка е 365 дена, а вредноста на вториот договор е 13. 999. 517 денари. Тоа стои во членот 2 од вториот договор.
Интересно е што и двата договори се предвидуваат средства за исти позиции. Ако во првиот тендер испуштиле нешто да внесат, зошто тоа не го регулирале со анекс на договор, туку повторно се распишува тендер со кој се предвидува огромна сума на средства?
Со оваа сума за мост, ние како граѓани на Прилеп најверојатно ќе треба да си замислуваме дека ова ќе биде мост на Босфор или можеби мост на Темза.
Господа од СДСМ ќе одговарате за своите постапки и за сите штетни договори кои ги имате направено во изминатиот периот. Ниту една маска повеќе не може да го сокрие вистинското лице на СДСМ. За брзо време правда ќе има. Следува обнова на Македонија“, пишува во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.