Продолжува протестот на незадоволни кумановци кои работеа во американски компании во базите во Ирак и Авганистан. Тие денеска потенцираа дека никогаш не добиле решенија за плаќање даноци изминативе години, побараа одговорност од надлежните во Управата за јавни приходи.
На денешниот протест укажаа дека нивното делување е исклучиво граѓанско, немаат никаква политичка поврзаност и категорично се оградија од какво било политичка заднина, посочувајќи дека протестот е за правда и достоинство.
-Јавно ја демантираме изјавата на директорката, Елена Петрова дадена во емисијата на Телевизија Телма каде што тврдеше дека ние сите сме добиле даночни решенија уште во 2020-2021, дека сме биле навремено известени и дека сме ги игнорирале обврските и одбивале да платиме данок. Тоа е невистина, јавно ја повикуваме да дојде тука пред сите нас и пред медиумите и да направиме официјална средба нека го донесе тој документ, издаден за кој било од нас, изјави Зоран Наковски во име на присутните.
Како аргумент кумановци наведуваат дека доколку навистина постоеле решенија од тој период, досега би имале блокирани сметки, присилна наплата и затезни камати. Пред медиумите покажаа документ издаден од УЈП во 2024 година за еден од нивните колеги, во кој е наведено дека нема даночен долг за плаќање. Кумановци потсетија дека директорката на УЈП кажала дека постојат пропусти во работењето на институцијата во изминатите години, во период кога како што наведуваат, таа била раководител на Секторот за утврдување и наплата на даночни долгови.
Токму затоа сметаме дека мора да понесе морална, политичка и кривична одговорност за пропустите направени во тој период, велат кумановци.
Тие информираат дека веќе доставиле докази од странските компании дека данокот им е платен, а во наредните денови очекуваат и официјални документи од ирачките даночни институции, како и од други држави каде што работеле.
Тие бараат поништување на веќе издадените решенија и одбиваат да влезат во долготрајни судски процеси, непотребни трошоци за земјава и сметаат дека парите ќе им бидат вратени со камати. Незадоволните велат дека не се против плаќање данок, туку против, како што додаваат, селективна примена на законот и прикривање институционални.
