КСЗД: Жените почесто од мажите пријавиле дискриминација врз основите пол, род или образование

Од:

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во текот на 2024 година работеше на вкупно 485 предмети од кои 407 нови и 78 предмети пренесени од претходната, 2023 година. Од новите 407 предмети, 405 се претставки поднесени од граѓани и организации, а останатите два се постапки кои КСЗД ги поведе по службена должност.

Според Извештајот што денеска беше презентиран, најголем број претставки се поднесени за заштита од дискриминација врз основа на национална или етничка припадност (27%), а потоа следат друга основа, друго уверување, лично својство и општествен статус, политичко уверување, образование и пол, а во помал број и врз останатите основи на дискриминација. Жените почесто од мажите пријавиле дискриминација врз основите пол, род, образование, возраст и семејна или брачна состојба, додека мажите почесто од жените поднеле претставки за заштита од дискриминација врз основите боја на кожа, потекло, сексуална ориентација, припадност на маргинализирана група, државјанство и попреченост.

Во поглед на областите, најмногу претставки се поднесени за заштита од дискриминација во областа на работата и работните односи (39%), а добивме пријави и во областите членување и дејствување во синдикални и други организации, потоа јавно информирање и медиуми, образование, наука и спорт и други, пристап до добра и услуги, правосудство и управа и во други области.

За претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова ова се податоци што загрижуваат и предупредуваат.

-Најстрашно е што е најголема и најчеста е дискриминацијата во јавниот сектор. Значи, јавниот сектор се однесува како приватен сектор, а во светот е обратно, кај нас јавниот сектор, тоа зборува за нешто друго, не се узурпираат само ресурси и средства туку јавното добро се третира како сопствено дорбо и тогаш односот на луѓето е како да се вработени не во државни или јавни инстотуции, туку во приватни, рече Сиљановска Давкова.

Таа изрази загриженост и за големиот број претставки во работните односи, образованието, правосдуството.

Сиљановска Давкова се осврна и на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата.

-Во минатиот период кога бев пратеник тоа беше најнеактивната Комисија поради претседателот на Собранието. Наместо тој да биде најиницијативниот, оневозможуваше оваа Комисија да функционира. Комисијата за заштита на слободите и правата секаде е најважна во парламентите. Задоволна и среќна сум кога слушам дека Африм Гаши вели дека е отворен за соработка, дека ќе ја поддржува Комисијата. Мандатот на Комисијата не извира од претседателот на Собранието, туку од Уставот, пред таквите комисии се повикуваат носители на високи функции кога ги кршат слободите и прaвата. Затоа и таму се поднесува Извештајот и можеби од се ова треба да произлезе нешто друго, да се преиспитаат надлежностите во Деловникот за определени комисии и со одлуки на комисиите да се утврдат вистинските надлежности, порача претседателката.

Претседателот на Собранието Африм Гаши искажа поддршка за работата на Постојаната анкетна комисија. Во однос на дискриминацијата порача дека никој не треба да биде осудуван или ограничен поради некоја припадност или карактеристика.

-Чувствувам силна морална одговорност да ја унапредам каузата за хармонија, еднаквост и мир меѓу различните општествени структури. Во оптшество како нашето, со богата културна, етничка и верска ранзовидност, од клучно значење е да се осигура дека никој не е дискриминиран поради полова, етничка, верска или друга припадност. Само преку заедничка заложба на државата, граѓанското општество, медиумите,… можеме да изградиме општество во кое дискриминацијата ќе биде минато. Еднаквоста не е само емпириска цел за намалување на случаите на дискриминација, туку е принцип што треба да гарантира дека никој не треба да биде осудуван или ограничен поради некоја карактерситика, истакна Гаши.

Претседателот на Постојаната анкетна комисија за човекови права Димитар Апасиев укажа дека се чувствува како диригент без оркестар.

-И покрај уставниот статус што го имаме како Комисија, ние сме нематично работно тело што според мене застрашувачки. Чудно е како Извештај на омбудсман кој е за човекови права се праќа на Комисија за политички систем, а не на Постојаната анкетна комисија. Може да се случи да закажам Комисија, мнозинството да не дојде и нема да имаме кворум за работа, рече Апасиев.

КСЗД во 2024 година одржа 24 седници на кои се донесоа 316 одлуки по предмети за заштита од дискриминација, од кои 48% се мислења по спроведена постапка за утврдување на дискриминација, а 52% се заклучоци за отфрлање на претставка, односно за непостапување или запирање на постапката. Најмногу од претставките за кои не можеше да се спроведе постапка, беа отфрлени заради неуредност на поднесокот или затоа што КСЗД немаше законска надлежност да постапува. Независно што не се поведе постапка за утврдување на дискриминација, Комисијата во сите овие случаи, на подносителите им даваше информации и насоки за начинот и јавниот орган до кој треба да се обратат заради остварување на нивните права.

Од предметите за кои КСЗД донесе мислење по спроведена постапка за утврдување на дискриминација, во 56 случаи или 37% се утврди дискриминација, а во 96 случаи или 63% не се утврди дискриминација. Најчеста утврдена основа за дискриминација во мислењата на Комисијата во 2024 година, е националната или етничката припадност, а потоа следат основите лично својство и општествен статус, членување и дејствување во синдикална организација, род, родов идентитет, сексуална ориентација, политичко уверување, попреченост и други основи. Исто како и во претходната година, најчесто место на сторена дискриминација е во институциите на јавниот сектор (37 случаи или 66%), а утврдени се и случаи во приватниот сектор (9 случаи или 16%), како и на социјалните мрежи и медиумите (10 случаи или 18%). Во однос на областите, најмногу утврдени случаи се во работата и работните односи, образованието, науката и спортот и јавното информирање и медиуми, а потоа правосудство и управа, пристап до добра и услуги и во други области.

Би можело да ве интересира

Комисијата за заштита од дискриминација се жали на пресудата на Управен суд за обвинителката Ленче Ристоска

Комисијата за спречување корупција со засилен мониторинг на вознемирувачкиот говор за време на претстојните избори

Не е дискриминација, но е нееднаков третман на граѓаните кои платиле возачки дозволи утврди Комисијата за заштита од дискриминација

Катерина Ѓуровски

Комисијата за заштита од дискриминација ќе поднесе тужба против МОН за недостатокот на учебници

До Комисијата за спречување и заштита од дискриминација лани поденесени 248 претставки

Комисијата за заштита и спречување дискриминација можно уште денеска да ја разгледа наводната согласност на Владата кон „Бехтел и Енка“ за поголема работна недела

Ана Ололовска