Кристофер Хил: САД донекаде загубија интерес за спорот

Од:

Првиот американски амбасадор во Македонија Кристофер Хил, во пресрет на посетата на грчкиот премиер Андонис Самарас на Вашингтон, оценува дека САД направиле чекор назад и загубиле дел од интересот за решавање на спорот за името и оти е потребно Македонија да ги удвои дипломатските напори насочени кон Вашингтон и Брисел.

– Мојот впечаток, и да подвлечам, ова е впечаток, а не нешто поткрепен со добро познавање на фактите, е, како што велите, дека САД направија еден чекор наназад и оценуваат дека условите не се тука за да се најде решение за спорот. Доколку сум во право во овој впечаток, мислам дека е важно Македонија повторно приватно да испрати сигнал до САД дека е подготвена да се обиде да се разреши ова. Да се покаже дека постои флексибилност. Сфаќам дека тоа е многу тешко, бидејќи зборуваме да се смени или да не се смени името, но Македонците мора да пренесат дека тие се разумните, вели Хил во телефонски разговор за Македонската информативна агенција.

Хил, кој сега е декан на Факултетот за меѓународни студии на Универзитетот во Денвер, вели дека лично не е ангажиран во прашањето околу името, но дека останува секогаш подготвен да помогне да се надмине овој спор меѓу Македонија и Грција.

За поканата за средба со грчкиот премиер Андонис Самарас, Хил вели дека реакцијата во Грција на отворените покани за средба може да биде спротивна од посакуваната.

– Мислам дека Македонија може да има приватни разговори со Грците, кои нема да се објавуваат во јавноста, додека јавните покани имаат мали шанси да бидат добро примени од другата страна. Овие работи мора да бидат екстремно добро подготвени приватно, вели Хил.

Според поранешниот американски дипломат, кој по ангажманот на Балканот беше амбасадор во воениот Ирак и преговарач за нуклеарната програма на Северна Кореја, за Македонија клучна цел се уште мора да биде членството во Европската Унија и во НАТО.

Хил вели дека ги разбира, но не ги поддржува оценките дека кризата во ЕУ и во Грција го менува односот кон ова прашање.

– Ако ги тргнеме настрана сите проблеми кои се случуваат во Европската Унија, и овие проблеми во јужните држави, вклучително и Грција, мислам дека сепак е во висок интерес на Македонија да влезе во ЕУ.

Ја разбирам фрустрираноста и оценката кај дел од Македонците дека можеби работите се сменија. Јас не верувам дека работите се смениле по ова прашање и мислам дека се уште е многу во интерес на Македонија да се приклучи. Се надевам дека Македонија ќе успее и се што ќе можам да сторам ќе го сторам, вели Хил.

Тој оценува дека економската криза во Грција не значи дека треба да се бара начин како таа да се искористи како притисок, од страна на ЕУ кон Грција, да се разреши спорот, туку дека најмногу може да се постигне со постојан ангажман на македонската дипломатија во Вашингтон и во Брисел.

– Македонската Влада да прави се што може дипломатски, да биде активна, да ги убеди ЕУ, САД и другите фактори дека е разумниот и флексибилен субјект во спорот. Како во кошарката, во НБА, таму важи правилото дека ако веќе си мал тогаш мораш да бидеш брз. Македонија мора да биде многу активна дипломатски и да негува повеќе пријатели во ЕУ, вели Хил.

Навраќајќи се на Македонија, тој оценува дека земјата постигнала многу, но посакува да се намали нивото на политизирање на прашањата.

– Како и многу земји, Македонија имаше подеми и падови. Одлуката да се однесува како НАТО членка, да биде активна во некои од мисиите на НАТО, беше добра одлука.

Мислам дека некои од економските одлуки, во однос на фискалната политика, исто така поминаа добро. И факт е дека македонската Влада успева во овие области. Причина за загриженост во Македонија е тенденцијата се да стане политичко прашање. Мислам дека Македонија мора да се чува од тоа, од поларизација во политичките структури, вели Хил.

Би можело да ве интересира

Дендиас за меморандумите со С. Македонија: Секоја грчка Влада оценува што е во нејзин интерес

Ана Ололовска

Варвициотис: Ако се врати националистичката реторика кај соседите, ќе ја редефинираме позицијата за евроинтеграцијата

Ана Ололовска

„Жито Лукс“ се правда: Зборот Македонија е избришан поради унифицирање на името на фирмата дома и во странство

Маја Илиевска-Пачемска

„Жито Лукс“ ја избриша Македонија од Статутот, купувачите најавија бојкот на производите до банкрот на компанијата

Маја Илиевска-Пачемска

ВИДЕО: Димитров сугерира разрешување на Мизрахи, Министерството не е нејзин приватен стан

Ана Ололовска

На бугарскиот граничен премин „Ѓуешево“ се уште се користи „ПЈРМ“

Драган Поповски