Креативна работилница „Обединети против насилството“ ќе се одржи денеска во Домот на култура „Димитар Влахов“ во организација на ЦИВИЛ, како дел од проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“.
– Работилницата е дел од заедничките заложби на ЦИВИЛ, основните и средни училишта од Гази Баба, локална самоуправа и полицијата за јакнење на јавната свест и граѓанска едукација на локално ниво против насилниот екстремизам, информираат од ЦИВИЛ.
На работилница се предвидува учество на околу 20 деца од повеќе средни и основни училишта во Гази Баба кои заеднички ќе сликаат на теми „Човекови права и слободи“, „Мир и ненасилство“, односно сѐ што симболизира мирно и здружено решавање на конфликти преку дијалог и разбирање.
Работилницата ќе биде проследена со видео проекции, музика, доделување симболични награди за учесниците на работилницата, како и благодарници до учесниците во проектот од Општина Гази Баба.
Свои обраќања ќе имаат и градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, како и претставници на ЦИВИЛ и СВР Гази Баба, во завршниот дел од работилницата.
ЦИВИЛ го спроведува проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“ со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје, се наведува во соопштението од ЦИВИЛ.