Вие сте претставник на политичка партија која што е корумпирана партија и која што има пресуди за злосторничко здружување и која што е синоним за криминал и корупција. Тоа го потврдуваат судски пресуди во кои се осудени и обвинети функционери на ВМРО – ДПМНЕ но и нивни признанија пред македонските судови, истакна премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на пратеничко прашање, поставено од Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека со судските одлуки за Титаник, Плацеви на Водно, Тенк и многу други е потврдено дека постоело здружување, перење на пари, незаконско богатење преку оф шор фирми, изборни измами, криминализација на изборниот процес.
Законски пресуди има веќе за предмет Тврдина, за насилно прислушување и кршење на човекови права. Тројца секретари на ВМРО – ДПМНЕ имаат признаено вина и потврдија дека ова е правено во партијата. 11 години ВМРО ја фалсификуваше војлата на граѓаните и тоа токму преку вакви активности, нагласи Ковачевски.
Во врска со истрагата што се води против поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зекири, Ковачевски рече дека на барање на бирото за јавна безбедност, оддел за сузбивање на организриран и сериозен криминал, секторот за криминалистички истраги, единицата за финансиски истраги Владата ја предаде целата документација.
– Јас не толерирам никого без разлика на политичката припадност и се придржувам на тоа. Во истиот момент кога беше објавено дека постои истрага од јавното обвинителство, генералниот секретар на Владата поднесе оставка, таа беше во истиот момент прифатена и на наредна седница е именуван нов генерален секретар на Владата, нагласи Ковачевски.
Премиерот го упати Лефков, за сите понатамошни прашања, со оглед на тоа дека јавното обвинителство е независно и судството е независно, одговори за ова да побара во обвинителството или во судството доколку се води судска постапка.