Ковачевски: На процесот за уставни измени треба да му се остави простор

Од:

Претседателот Стево Пендаровски е докажан евроатлантист и беше дел за почнување на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање за ставот на шефот на државата изнесено синоќа во интервју дека за уставните измени убавина со сила не бива. Ковачевски е на сличен став, а како што вели, се знаеше уште на самиот почеток дека процесот за обезбедување на двотретинско мнозинство во Собранието.

-Исто како што беше јасно дека за обезбедување на дворетинско мнозинство за Преспанскиот договор ќе биде тешко. Меѓутоа, што се потврди на крајот, оние што беа најгласни против Преспанскиот договор, еве тука можам да споменам еден пратеник од ВМРО ДПМНЕ којшто, јас не знам што не правеше кога се носеше Преспанскиот договор, по само три дена тој вели дека тој е реалност, прифатливо итн. Никој од ВМРО-ДПМНЕ не вели дека ние не сме земја членка на НАТО и никој не вели дека тоа не било добро, изјави Ковачевски, по посетата на компанијата Мако маркет.

Тој дополни дека кога се прифаќаше францускиот предлог, пред една година се организираа демонстрации на кои како што рече, се палеа слики и се правеа гилотињи.

– Зошто? Затоа што македонскиот народ ќе бил асимилиран, затоа зашто ќе сме го изгубеле македонскиот јазик, затоа што ќе сме го изгубеле македонскиот идентитет и затоа што немало да почнеме преговори. За да денес никој веќе не зборува за тоа. Зошто? Бидејќи една и пол година после тоа ние сме Македонци, тие што сме Македонци, тие што се Албанци се Албанци, тие што се Власи се Власи… никој никому не му зел никаков идентитет. Второ, македонскиот јазик е потврден во преговарачката рамка и вие бевте присутни во Брисел кога на преговарачките кабини стои македонски јазик и цело законодавство се преведува на македонски јазик. Потоа, во однос на самиот идентитет и зацврстување веќе ги гледате резолуциите на германскиот Буденстаг, ги гледате и резолуциите од САД коишто доаѓаат во делот на нашата култура, на нашиот јазик, на нашиот идентитет итн., што значи дека ние имаме веќе уште поголемо меѓународно етаблирање на македонскиот јазик и култура во европски и во светски рамки благодарение на такви одлуки коишто сме ги носеле, рече Ковачевски.

Порача дека на овој процес треба да му се остави простор, затоа што ова се одлуки коишто за жал секогаш има некој во политичкиот спектар кој сака да ги искористи за свој личен ќар, да игра на емоциите на граѓаните, да игра на популизам којшто ќе му донесе личен бенефит или партиски бенефит на некои претпоставени избори.

-Меѓутоа, тој бенефит може да биде само личен, а политичари коишто се водени исклучиво од личен интерес тие никогаш не можат да направат ништо за својата држава. Ние имавме политичари водени од личен интерес 11 години, државата еден милиметар не мрдна во европските интеграции. Внатрешните односи беа еродирани, односите со сите соседи беа еродирани и немавме никаков исчекор ниту во НАТО, ниту во ЕУ-интеграциите. На економски план стапките на раст беа 2 проценти, значи ништо повеќе од тоа што биле и пред тоа за да денес гледаме дека сме членка на НАТО, безбедни. Вие гледате во соседството што и да се случи нас тоа не не’ тангира веќе, бидејќи сме земја членка на НАТО, рече Ковачевски.

Тој по ова прашање истакна дека непобиен е фактот што нашата земја преговараме со ЕУ.

Зошто? Бидејќи ние со Албанија ги започнавме преговорите на првата меѓувладина конференција на исти ден. Вие во Албанија немате ниедна дискусија дали Албанија ги почнала преговорите. Албанија вели ние преговараме. Ние исто преговараме како Албанија по истата патека. Од нас сега зависи дали Албанија ќе отиде пред нас како што Хрватска отиде пред нас и стана и земја членка на ЕУ и воведе евро и стана шенген, или ние ќе одиме по истата патека. Сега зависи од нас, од одлуките коишто ние ги носиме, истакна Ковачевски.

Премиерот порача дека како Влада ќе се обидат процесот за уставните измени да се заврши побрзо, затоа што не сака другите земји од регионот да отидат пред нас во ЕУ.

– Знаете како, ние ги имаме Албанија, Црна Гора, Србија коишто преговараат. И јас не би сакал Северна Македонија да се најде во друштво на БиХ и на Косово во делот на преговорите со ЕУ со сета почит и кон БиХ и кон Косово. Меѓутоа, сметам дека земја која што е лидер во ЕУ-интеграции во моментов и земја членка на НАТО треба да биде во друштво на Албанија, на Црна Гора и на Србија во делот на пристапување кон ЕУ, а не во друштво на БиХ која што има елементарни внатрешни прашања за решавање. И затоа велам дека ваков процес треба да се заврши побрзо за да може и побрзо да станеме полноправна членка на ЕУ, вели Ковачевски.

Според него, се друго ќе значи изолација, чекање, блокади и на крај седнување на маса и размислување како да се заврши процесот.

-Еднаш видовме – наместо 2011 година да имавме решение на спорот со Грција се одлагаше и на крај добивме полошо решение, вели Ковачевски.

Тој смета дека сите пораки коишто доаѓаат од ЕУ се после долго време позитивни во однос на проширувањето.

– Вие знаете дека долго време немаше изјава од страна на европски политичар во однос на проширувањето за да на Бледскиот форум многу јасно претседателот на Европскиот Совет кажа – да, таргетот на ЕУ за проширување е 2030 година. Истото тоа го потврди и претседателот на Франција, премиерот на Хрватска и низа други на политичари. И заради таа цел со оглед на тоа дека ЕУ треба да се подготви за да може да функционира со повеќе земји членки во Гранада на неформалниот состанок на ЕУ на којшто и јас присуствував на првиот ден на состанокот на Европската политичка заедница тие го отпочнаа процесот на внатрешни реформи којшто ќе биде и официјализиран на Самитот во декември којшто ќе се одржи во Брисел,а врз основа на француско-германскиот предлог во однос на тоа како би требало да функционира ЕУ со повеќе земји членки од тоа што го има денес, вели Ковачевски.

Според Ковачевски не е исто кога одлуки носат 27 земји членки, во однос на она што е со 32, 33 земји членки. Нормално, потенцира, кандидатите за членство во ЕУ ги имаат своите домашни задачи да ги завршат во однос на реформите, во однос на подготвување на акциски планови, на спроведување на законски решенија, реформа на институции.

– И јас мислам дека ние во тој дел предничиме во однос на земјите од регионот со оглед на тоа дека кај нас скоро 50 проценти од законодавството е веќе усогласено со законодавството на ЕУ и голем број на институции веќе функционираат по примерот на институциите во ЕУ бидејќи реформата на институциите кај нас е правена заедно со помош на различни експерти и проекти на ЕУ во текот на изминатите декади од нашето постоење, истакна Ковачевски кој денеска беше во посета на фирмата „Мако Маркет“ во Скопје.

Би можело да ве интересира

Рокас повтори дека мора да се направат уставните измени за прогрес кон ЕУ

Катерина Ѓуровски

Продолжувањето на пристапниот процес за Северна Македонија зависи од уставните измени за кои земјата се обврза порача Писонеро

Гаши: За да почнат уставните измени треба договор и политичка волја

Катерина Ѓуровски

Уставни измени, правосудниот систем и реформите поврзани со ЕУ, главни препораки во Извештајот на Европската комисија

Мицкоски: Предлог уставни измени во Собранието, пред формирање влада во Бугарија, е наивно

Катерина Ѓуровски

Неодбивањето на Фон дер Лајен на нашиот предлот значи дека има простор за потенцијално решение за уставните измени толкува Муртезани