Владата вчера го достави Предлогот за уставни измени до Собранието, а премиерот Димитар Ковачевски на 30 дена пред почетокот на пленарната седница за гласање на потребата од отворање на Уставот е оптимист дека ќе има натпартиски консензус за продолжување на европската интеграција на државата.
– Моите очекувања се дека ќе има плодна дискусија и дека ќе има натпартиски консензус за продолжување на европската интеграција на државата. Амбасадорот Дејвид Гир јасно кажа дека се зависи од нас и дека ние одлуките ги носиме. Сметам дека се работи за уаставни измени кои не задираат во ниту едно идентитетско прашање. Ние сме мултиетничко општество кое е пример за Европа во мало и се надевам дека 120 пратреници ќе имаат визија, доблест храброст да донесат одлука која ќе значи обезбедување на подобра европска иднина за сегашните и идните генерации – рече Ковачевски при увидот на изградбата на делницата Градско-Прилеп.
На последниот брифинг со новинарите на 27. јуни претседартелот на Собранието Талат Џафери посочи дека од приемот на материјалите до гласањето се потребни 30 работни дена затоа што максимум десет дена треба да работи Уставната комисија која со работа треба да заврши осум дена пред денот утврден за гласање.
Членот 196, став 2 од Деловникот за работа на Собранието предвидува претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања да трае најмногу десет работни дена.Во ставот 1 од истиот член се посочува дека по предлогот за пристапување кон измена на Уставот на седницата на Собранието се води претрес во целина кој може да трае најмногу десет работни дена.
Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. По донесувањето на одлука за пристапување кон измена на Уставот, Собранието со заклучок утврдува рок во кој подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот изготвува текст на нацртот на амандманите на Уставот. Потоа следуваат уште две фази, меѓу кои и јавна расправа. Постапката за измени на Уставот треба да заврши до крајот на ноември.
Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.