Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на денешната годишна прес-конференција порача дека е неопходно итно избирање на двајца нови уставни судии, со цел Судот непречено да ја извршува својата надлежност.
Тој упати апел до Судскиот совет и до Собранието без одлагање да ги завршат законските обврски, нагласувајќи дека Уставниот суд и покрај намалениот број судии, покажал ефикасност, интегритет и независност.
Костадиновски информираше дека во 2025 година се оформени рекордни 306 предмети, од кои најголемиот дел се иницијативи поднесени од граѓани, што, како што рече, е показател за зголемената доверба во Судот. Во текот на годината решени се 230 предмети, бројка над просекот од изминатите пет години.
Како особено значајни, тој ги издвои одлуките за Законот за електронски комуникации, измените на Кривичниот законик, Изборниот законик, Законот за данок на солидарност, платите на судиите и обвинителите, усогласувањето на пензиите, Законот за употреба на јазиците и Пописот. Судот, како што нагласи, за првпат започнал да ја оценува и формалната уставност, односно начинот на носење на законите во Собранието.
„И покрај притисоците, нападите и етикетирањата, Судот остана цврст столб на правната држава. Нервозата кај политичарите е доказ дека постапуваме исправно“, изјави Костадиновски.
Тој најави и нови приоритети за 2026 година, меѓу кои воведување уставна тужба, носење двотретински закон за Уставниот суд и целосно јавно пренесување на седниците во живо.
На крајот, Костадиновски упати порака до политичарите да покажат повисоко ниво на уставно-правна култура, а до граѓаните порача дека Уставниот суд ќе продолжи бескомпромисно да ги штити нивните права.
