Децата се најранливата категорија кога станува збор за насилство и занемарување и затоа треба да им се посвети посебно внимание и грижа. Траумите од претрпено насилство и недостиг на грижа во детството, оставаат неизбришливи траги и последици во понатамошниот живот на човекот и затоа превенцијата треба да биде врвен приоритет во сите активности, изјави министерката Царовска на конститутивната седница на Националното координативно тело за заштита на деца од злоупотреба и занемарување. Според неа, заштитата и превенцијата бара мултисекторски пристап, кој се овозможува токму преку работата на ова тело.
На седницата, претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс презентираше за влијанието кое насилството, запоставувањето и нефункционалното родителство го имаат врз долгорочниот развој на децата, нивните семејства и општеството. Препознавајќи ги основните причини кои доведуваат насилството да опстојува во земјава, Перкс повика на потребата од изготвување на меѓу-секторска стратегија за зајакнување на интервенциите во јавното здравство и детска заштита и за поддршка на родителите.
Претседателот на Советот за превентива против малолетничка деликвенција, Лазар Нанев на седницата презентираше индикатори за следење на состојбата со деца жртви, изготвени за потребите на Националното координативно тело.
Национално координативно тело за заштита на деца од злоупотреба и занемарување се конституира по пауза од година и пол, согласно со одлуката на Владата од 5 декември 2017 година. Целта на ова тело е да го следи и координира спроведувањето на активностите за заштита на децата од злоупотреба и занемарување. Со НКТ претседава министерката за труд и социјална политика, а во него членуваат претставници од: МТСП, МВР, МОН, Министерството за здравство, Министерството за правда, ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија, ЈУ Завод за ментално здравје на деца и младинци, ЈУ Завод за социјални дејности, Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, Прва детска амбасада во светот Меѓаши, СОС Детско село, Здружение за заштита на правата на децата и Совет за превентива против малолетничка деликвенција.