Коњаниците кои ќе учествуваат на претстојниот 36-ти „Илинденскиот марш 2014“ по повод празникот Илинден ги почнаа тренинзите на кејот на реката Вардар.
На „Илинденскиот марш 2014“, што го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“, ќе учествуваат коњаници од различна возраст, од 15 до 60 години. Маршот ќе почне на 27 јули од општина Аеродром, а ќе заврши на 2 август во Крушево.
Новина оваа година е тоа што на коњаниците од Скопје, ќе им се придружат коњаници од Свети Николе, од Бигорскиот манастир близу Гостивар и пешадија од Охрид.
Општина Аеродром традиционално ја поддржува оваа манифестација веќе неколку години и ќе продолжи и натаму да ја негува традицијата бидејќи, како што се наведува, Илинденскиот марш е најголемата и најзначајната културна манифестација во Аеродром.