Системот на финансирање на политичките партии и изборни камапањи задолжително треба да ги следи стандардите за превенција и борбата против корупцијата, истакна министерот за правда Валдет Џафери во обраќањето на денешната конференција „Напредни методи за мониторинг на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи“.
Министерот Џафери посочи дека во Законот за финансирање на политичките партии се уредени начинот и постапката за обезбедување на финансиските средства, располагање со средствата и дејствување на политичката партија, како и начинот на контрола на финансирање и финансиско-материјално работење на политичките партии.
Според Игор Тантуровски, претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), моделите за мониторинг на финансирање на политичките партии и изборните кампањи постојано треба да се промовираат и унапредуваат. Борбата против корупцијата, нагласи, бара постојан ангажман на сите релевантни тела во земјата кои постапуваат согласно нивните законски утврдени надлежности. Тој смета дека за ефикасно справување со корупцијата еднакво е важно унапредувањето на превентивните и на репресивните механизми, алатки и постапувања, како и континуирано јакнење на капацитетите на антикорупциските тела.
Најголем дел од проблемот, посочи Тантуровски, се јавува со недоставување на извештаите од страна на политичките партии за финансирањето на изборните камапањи. Според него, се јавува проблем кај помалите политички партии, претежно на самостојните листи учесници на локалните избори, рече, кои и не се доволно запознаени со законските прописи за доставување на извештаите.
– За сите оние учесници во изборните капањи кои не доставиле финансиски извештаи ДКСК покренува постапкуи пред надлежните судови. Добар дел од нив веќе се процесуирани, а дел се завршени со казни, изјави претседателот на ДКСК.
Шефот на Делегацијата на ЕУ Самуел Жбогар истакна дека праведно и транспарентно финансирање на политички кампањи е клучно за одржување фер и кредибилни избори. Транспарентноста во финансирањето, подвлече, овозможуваат фер натпревар меѓу политичките партии.
– Транспарентното финансирање на политичките партии им помага на граѓаните да стекнат доверба во своите институции и партиите и затоа ЕУ посветува на оваа тема во предпристапниот процес, рече Жбогар. Додаде дека со овој проект ЕУ придонесува финансирањето на политичките партии да го направи потранспарентно, а партиите, рече Жбогар, поотчетни, како и да се обезбеди спроведување на законите и препораките на ГРЕКО.
Тања Таневска, главен ревизор во Државниот завод за ревизија, рече дека било предизвик да работат во услови во кои ревизијата на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи од страна на врховните ревизорски институции не е унифицирана на ниво на ЕУ. Според неа, постојат различни практики кои се применуваат и во голема мера се условни од самата политичка традиција и политичка култура на земјата.
– Досега во нашите ревизорски извештаи ревизорите не напишале дека е откриен криминал. Во досегашните ревизорски извештаи не станало збор за криминални дејствија кои ги откриле ревизорите. Во неколку наврати сум дала изјава дека со нашата ревизорска методологија може да се откријат т.н. скриени пари за кои се зборува во текот на изборните капањи. Тоа го говорам од аспект што методологијата на ревизорите не претставува истражна постапка, изјави Таневска.
Појасни дека бенефитот од работењето на државните ревизори е тоа што даваат препораки во оној дел што го испитале, да се преземат мерки и да се подобри работењето на одредена институција генерално, не само на политичките партии.
– Она што се очекува за политичките партии, не сум сигурна дека ние може да го завршиме. Само државите кои се понови земји-членки на ЕУ имаат мандат да вршат ревизија и на политичките партии, додека останатите не, изјави Таневска, главен ревизор во Државниот завод за ревизија на конференцијата која се одржува во рамки на твининг проектот „Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата“, финансиран од ЕУ.