Комисијата за заразни болести денеска ќе разговара за евентуално повторно воведување режим со границите на Србија и Косово или затворање на граничните премини со овие земји, имајќи го предвид развојот на ситуацијата со коронавирусот во соседството.
-Комисијата за заразни болести активно ја следи епидемиолошката состојба со коронавирусот во регионот и соседните земји и можното враќање на мерките е во насока на превенција од потенцијални ризици по здравјето на населението во Северна Македонија, велат од Министерството за здравство.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека одлуката за евентулано затворање на границите, нема да биде политичка, бидејќи клучен критериум е епидемиолошката слика.
– Прашањето за отворање или затворање на границите нема политика, клучен критериум е епидемиолошката слика. Клучен критериум за ЕУ е блиску до или под 20 нови КОВИД-19 случаи регистрирани во последните 14 дена на 100 илјади жители, изјави министерот Димитров.
Клучното во ова се, посочи Димитров, е дека колку повеќе се придржуваме до мерките – носење маска и држење дистанца, толку ќе биде подобра епидемиолошката слика и толку побрзо ќе ни бидат отворени сите граници.
Прашан дали ќе преземеме реципроцитетни мерки со отворање или затворање на границите, Димитров, рече дека министерот за здравство Венко Филипче и кризниот штаб на Владата дневно ја следат состојбата во сите земји и врз основа на препораките од епидемиолозите ќе ги носат и одлуките.
Според последните податоци, во Србија изминатото деноноќие се регистрирани 359 нови случаи на коронавирус, а шест лица починале. Тестирани се 9.013 лица, а на респиратори имало 81 пациент. Така, вкупниот број жртви се искачи на 287, а бројот на активни случаи се искачи на 1.996.
Ситуацијата во Белград е најпроблематична затоа што 82,5 проценти од сите заразени се регистрирани во главниот град на Србија.