Комисијата одлучува за целодневна настава, МОН понуди солуција за децата кои немаат ИТ-уреди

Од:

Наближува почетокот на учебната година, која поради корона кризата ќе стартува на 1 октомври, а Комисијата за заразни болести вчера и денеска ја разгледува можноста за воведување целодневна настава во основните училишта, со оглед на тоа што наставата со физичко присуство, која е предвидена за деца до трето одделение ќе биде скратена.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера истакна дека е направена анализа за бројката на деца коишто би требало да останат во училиште и по завршувањето на часовите во смена.

-Ќе се донесе позитивна одлука исто како што се носи одлука и за исклучоците во сите други училишта, односно ако бројката на децата е толку мал да никако не ја загрозува нивната безбедност, односно да нема дополнителен епидемиолошки ризик што одредена група на деца ќе остане и после завршувањето на смената. Предност што е тоа истата група на деца, значи не се зголемуваат контактите, тие биле во контакт претходно, сега само се зголемува времето на престојот, појасни Филипче.

Премиерот Зоран Заев и министерката за образование Мила Царовска в петокот ја презентираа првата Национална онлајн платформа преку која ќе се одвива новата учебна година. Следи период за прилагодување на наставниот кадар, учениците и родителите. Новата алатка, според надлежните, треба да биде значаен ресурс и по надминување на кризата со коронавирусот.

Платформата, според надлежните, е едноставна за користење и нуди учење на пет јазици. Ученикот преку компјутер или телефон ќе може да ја гледа училницата и наставникот и ќе може да ги користи сите поставени аудио и видеоматеријали на платформата и да ги изработува домашните задачи, а наставата нема да биде здодевна и ќе има брзи квизови, тестови и други иновативни содржини.

Царовска во петокот потенцира дека за 40.000 ученици што немаат ИТ-уреди за да следат настава преку националната платформа за учење од далечина, часовите што ќе ги одржуваат наставниците ќе се снимаат и потоа ќе се пренесуваат во одредено време на националната телевизија, а вчера Министерството за образование излезе со подетален план.

Целта е, како што велат од МОН, децата коишто немаат уреди за следење на онлајн настава во време на Ковид-19 да добијат можност за учење како и останатите деца.

-За таа цел, детето има можност наставата да ја следи со физичко присуство на часовите во самите училници, додека наствниците предаваат на другите деца преку онлајн платформата. Исто така, за децата, чии родители се изјасниле дека не сакаат да ги пуштаат во училиште со физичко присутсво, а немаат уреди, во Планот е предвидена опција да добиваат печатени материјали. Овие материјали ќе се доставуваат на родителите од страна на наставниците според сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19. За да може секое дете да има пристап до наставниот материјал, МОН е во преговори 15-минутни видеа со одреден час да се емитуваат на Националниот сервис на посебни канали кои се обезбедени, појаснуваат од МОН.

Наставниците ќе имаат обврска редовно да комуницираат со децата и нивните семејства и да следат колку напредуваат во учењето.

Приоритетната и најважната цел, велат од МОН, е да се обезбеди пристапност до наставата за секое девојче и момче во државата, без разлика каде живее.

-Нашата примарна цел е да создадеме образование достапно до секого и образовен процес којшто ќе ги постави темелите за развој на идни генерации кои ќе бидат движечката сила и умот на државата, се истакнува во соопштението на Министерството.

МОН вчера објави и видео во кое се прикажани протоколите кон кои ќе треба да се придржуваат учениците, наставниците и родителите со враќањето на децата во училниците од 1 октомври.

Според протоколите на секое дете ќе му се мери температура при влез во училиштето, а децата ќе треба да држат растојание од најмалку 1,5 метар и да носат маски на лицето за време на целиот престој во училиштето, освен за време на оброкот и активностите на отворено. Предвидено е и почесто миење на рацете и проветрување на училниците.

– Заштитата од ширењето на Ковид-19 е заедничка одговорност на родителите, наставниците, учениците и на останатиот персонал, односно на сите нас. Само со придржување на протоколите сите заеднички ќе допринесеме да се заштитиме себе, нашите најблиски и целото јавно здравје, посочуваат од МОН.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

Јаневска: МОН со закон ќе го официјализира дуалното образование

МОН: Над 1.000 асистенти во новата учебна година ќе бидат поддршка на учениците со попреченост

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци